КРОТЕТЕ И КОНТРОЛИРАЈТЕ БРОЈНИ СУШТЕСТВА ВО РЕАЛНО ВРЕМЕ СО ADORE

0
403

Покемот се одликува со ултра популарен и забавен концепт со собирање суштества. Воошто не изненадува тоа што многу игри се трудат да си ја присвојат оваа формула и да ја имплементираат во уникатни гејмплеј механики. Adore е игра која користи трик-два од покемон концептот со животни, но дали успева да понуди интересен наслови или се работи за продукт со интересни, но слабо реализирани идеи?

Мајсторско скротување

Играјќи со посебен вид шамани кои се викат адорери, истражувате локации, припитомувате животни и ги користите нивните напади за справување со непријателите во реално време. Вашиот адорер e одличен за припитомување, но не и за водење битки. Бидејќи вие лично не сте способни за напаѓање, вашата задача е постојано да се движите низ мапата, да избегнувате напади и да наредувате на вашите припитомени животни да ги напаѓаат непријателите. Ваквиот стил на играње бара одреден период на привикнување, но играта никогаш не остава впечаток дека ви фрла повеќе од она со што можете да научите. Набргу ќе се најдете во ситуација каде мајсторски скротувате животни и им наредувате како да сте родени за оваа професија!

За да припитомите некое суштество мора да започнете одредена мини игра. Откако ќе имате во ваша сопственост нешто што се вика Particle ќе можете да го искористите за да скротите кој било непријател што ќе се осмели да ве нападне. Процесот на скротување се состои од тоа што е потребно е да бидете во одбележана зона околу животното за одреден период време. Периодот од време се менува во зависност од здравјето на животното и доколку го добро оштетите – полесно ќе можете да го припитомите. Во моментот штом заврши мини играта, ќе можете суштеството да го испраќате кон непријателите, да го повикувате кон вас и одново да го пуштате во битка.

Арсенал од животни

Adore има запрепастувачко висока бројка од суштества кои можете да скротите. Секое од суштеството се одликува со уникатен изглед, но и уникатни напади кои може да се комбинираат. Во кое било време, можете да наредувате до четири суштества. Па така, едно суштество може да нападне и да замрзне непријател, а другото веднаш да го здроби како да е олицетворение на несопирливо стампедо. Со секое скротено животно потребно е малку експериментирање за да дознаете кои му се јаките и слабите страни. Потоа, потребно е правилно да управувате со него на бојното поле – треба да знаете од каде да го пуштите да напаѓа, кога е најдобро да го повлечете од борбената линија и слично.

Скротувањето животни преку мини играта е едноставен процес, но нема да можете веднаш да припитомите се што ќе мрдне накај вас. Како што напоменавме, за припитомување потребно е да имате particle, а обично имате ограничен број со вас и потребно е да ги наоѓате низ мапите. Секојпат кога ќе зграпчите particle ќе можете да одберете одредена надградба за вас, како поголема брзина или здравје. Кога сме кај надградби, и вашите животни можат да се надградуваат од козметичка, но и функционална гледна точка. Паралелно со ова, имате на располагање и бројни артeфакти и руни кои отклучуваат корисни и подеструктивни способности. По одредено време, она што ви се отвара е детален и комплексен систем кој бара од вас правилна реорганизација доколку сакате да се истакнете како ултимативниот адорнер.

Забава без граници

Пријатно сме изненадени колку интересни и уникатни механики се има имплементирано во Adorner; од начинот на кој се одвиваат битките, преку бројните можности за надградба и менување офанзивни и дефанзивни способности, па сè до начинот на кој суштествата се врзуваат за вас. Имено, секое од скротените животни имаат здравје, но ниедно од нив не може да умре. Доколку непријателите го земат целото здравје, суштеството ќе биде проколнато и секој нареден удар врз него ќе го цеди здравјето на самиот адорнер. На овој начин предизвикот станува двојно поголем бидејќи се доведувате во ситуација каде ем вие ем вашите суштества треба да ги избегнуваат нападите. За среќа, можете да готвите најразлична храна која до некаде го залечува животното и му дава дополнителни, привремени засилувачи.

Adore е одлична игра и, со исклучок на приказната која е целосно фрлена во втор план, немаме никаква друга забелешка. Повеќе е од очигледен талентот и љубовта на Cadabra Games кон Adore. Нивниот финален продукт целосно ги оправдува бројните награди кои ги имаат добиено од минатите гејминг настани. Adore е игра која ја препорачуваме на сите Pokemon фанови, но и воедно на сите оние што сакаат акциони RPG игри со уникатен спин, одлични анимации, импресивен дизајн на мапи и феноменална музичка подлога!