КОСТАДИНОВСКА – СТОЈЧЕВСКА : СО СДСМ КУЛТУРАТА ОСТАНУВА СЛОБОДНА И РАСТАТ ПЛАТИТЕ НА КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ

0
179
„Културата е наше врвно, заедничко добро. И што е најважно со СДСМ македонскиот идентитет е зајакнат и потврден. Со СДСМ култура има за секого и секаде и со СДСМ културата останува слободна, заштитена и афирмирана во ЕУ“, рече коносителката на пратеничката листа на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 5-та изборна единица на денешната конвенција за промоција на новата „Програма за европска иднина“ на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
Актуелната министерка за култура Костадиновска-Стојчевска најави дека во фокус на културните политики на СДСМ останува достоинството на културните работници.
„Ги зголемивме платите во културата на достојно ниво, за 43%. Остануваме на зборот дека секоја година платите во културата ќе се покачуваат за 10 проценти“, додавајќи дека во следниот мандат ќе има реализација на уште еден голем проект – нов, современ, европски и квалитетен Закон за култура.
Во контекст на заштитата на македонскиот идентитет, Костадиновска – Стојчевска рече дека „после 25 години добиваме инспекторат за македонски јазик, работни места за лекторите и го поттикнуваме интересот кај младите за негово изучување“ и нагласи дека се работи на целосна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик, што е основа за проектот на СДСМ во следниот мандат за целосна дигитализација на културата.
Костадиновска-Стојчевска потсети дека се вложува во афирмација на македонскиот јазик и преку изградбата на нов Центар за промоција на македонскиот јазик, на темелите на старото училиште во Љубојно.
„Инвестираме во секоја општина и го поттикнуваме регионален културен развој. 90 милиони денари за капитални дотации за инвестициони проекти во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, ставка која до пред две години изнесуваше само еден милион денари, до 2028 година ветуваме дека ќе изнесува 120 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во продолжение на презентацијата на програмата за култура за следните четири години, таа меѓу достигнувањата за време на нејзиниот мандат ги наведе деветте нови институции, со кои ја стимулираме креативноста и ја збогативме културната понуда за секоја етничка заедница, поведувајќи дека во изборната програма предвидуваме и конкретни чекори за интензивирање на соработката и поддршка на независната културна сцена.
Костадиновска-Стојчевска уште еднаш потенцираше дека и во следниот мандат продолжуваме културата достојно ја претставуваме дома и надвор, повторувајќи дека Универзалната сала, целосно функционална скопјани ќе ја имаат до 2027 година и дека ќе ја оправдаме титулата Скопје Европска престолнина на културата во 2028 година.
За СДСМ најголема е инвестицијата во културата во однос на заштитата на културното наследство. Црквата во Курбиново, скопскиот Аквадукт, црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче, црквата Успение на Пресвета Богородица во Трескавец, сарајот на Нијази бег во Ресен беа нагласени како дел од заштитеното културно богатство чија реконструкција, санација и конзервација е започната или е во финална фаза.
„Ја направивме првата реституција во регионот како резултат на меѓусекторска соработка која беше стопирана од 2014. Вративме дел од украдените икони од македонските цркви и манастири. Ја одржуваме комуникацијата за скорешно враќање и на останатите 37 икони“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
На крајот се осврна и на заштитениот престижниот статус на Охридскиот Регион во УНЕСКО.

„Го донесовме Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, а интензивно се работи и на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион“-најави коносителката на СДСМ за петтата изборна единица, заменик претседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска.