КОВАЧЕВСКИ – СТОЈМЕНОВА ДУХ : СЕ ИНТЕНЗИВИРА СОРАБОТКАТА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА ВО ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА

0
370
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Љубљана се сретна и со министерката за дигитализација во Владата на Република Словенија, Емилија Стојменова Дух.

На состанокот е разговарано околу интензивирање на поддршката од Словенија во процесот на дигитализација на нашата држава, посебно во областа на поврзувањето меѓу државните институции, со бизнис заедницата од областа на информатичкото општество, во сферата на е-Влада, во дигитализацијата на јавната администрација.

Премиерот Ковачевски рече дека споделувањето на словенечките искуства и позитивните практики во областа на дигитализацијата се значајни за Република Северна Македонија, во процесот на европските интеграции, но и на домашен план.

„Работиме на зголемување на бројот на електронски услуги кон граѓаните и бизнисите и сме фокусирани кон усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, како и со Директивата на ЕУ за безбедност на мрежите и информациските системи и пакетот на алатки 5G. Поврзувањето на владините институции, академската заедница, бизнис секторот, граѓанскиот сектор и генерално, дигитализирањето на процесите е важно и за подобрување на квалитетот на институционалните услуги, но и за ефикасна борба против корупцијата, бидејќи овој процес подразбира намалување на човечкиот контакт при некои услуги“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски нагласи дека министерката Стојменова Дух, која е со македонско потекло и стана дел од Владата на словенечкиот премиер, Роберт Голоб е пример дека Република Северна Македонија има квалитетен кадар со којшто може да се гордее и надвор од државата, а целта на Владата е со напредокот во евроинтеграциите да ги мотивира младите луѓе да живеат и работат во родната земја, во којшто процес е значајна словенечката поддршка.