КОВАЧЕВСКИ : КРЕИРАМЕ РЕШЕНИЈА ЗА ТРАЈНИ РЕФОРМИ ВО СИСТЕМОТ ЗА СОЦИЈАЛНА И ДЕТСКА ЗАШТИТА

0
276
Почитувани,

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачески денеска го посети Центарот за дневен престој „ЕДУ практика“ во Струмица. Децата кои го користат овој дневен центар имаат можност за разни активности, а овде се обезбедени и услуги за деца кои имаат потреба од индивидуален третман. Во моментот во државата има 35 државни дневни центри и 8 дневни центри како овој, во кои работат лиценцирани даватели на социјални услуги.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегрално обраќањето на претседателот на Владата, Ковачевски:
„ Добар ден на сите,

Денеска кога сум во посета на Струмица, ја искористив можноста да го посетам Центарот за дневен престој на деца со попреченост, „Еду практика“ кој го отворивме пред еден месец. Децата кои го користат овој дневен центар имаат можност за разни активности, а овде се обезбедени и услуги за деца кои имаат потреба од индивидуален третман.

Овој центар е уште еден сервис на граѓаните, а Владата тоа и го овозможува преку бројните реформи во системот за социјална и детска заштита кои ги спроведуваме од 2017 година наваму. Креираме  политики кои се системски и трајни и што е најважно создаваме услови за активно вклучување на лицата со попреченост во општеството, со што спречуваме каква било дискриминација, а од друга страна ги зајакнуваме сите форми на социјална солидарност.

Во моментот во државата има 35 државни дневни центри и 8 дневни центри како овој, во кои работат лиценцирани даватели на социјални услуги. Овие центри се поддршка на можностите на секое дете за соодветна инклузија. Децата со попреченост услугите од ваквите Центри може бесплатно да ги користат до својата 14 година.

Со користењето на овие услуги во заедницата децата ќе може да ги надоградуваат своите функционални капацитети, а исто така  овозможуваме нивните родители или старатели да можат да работат, наместо да седат дома и да треба да ги чуваат да се грижат за децата.

Со ваквите процеси го поддржуваме и вработувањето на стручен и квалификуван кадар, во Центарот за дневен престој „Еду практика“ –Струмица, во моментов има вработено вкупно 12 лица, од кои 6 лица стручен кадар – дефектолози, психолози, социјален работник и логопед, 4 негувателки и 2 лица како помошен персонал.

Оваа влада направи длабински реформи на системот за социјална заштита во земјава, и слободно можам да кажам дека ги спроведуваме најреволуционерните зафати за промена на регулативата.

Уште во 2017 година, го почнавме процесот на деинституционализација, државата вложи големи средства за отворање на нови мали групни домови. Со тоа овозможивме 24 часовна поддршка за лицата со попреченост, и можност да растат и да се развиваат во хумани услови. Донесовме нов закон за социјална заштита на лицата со попреченост, со кој им овозможивме на овие наши граѓани да добиваат нови социјални услуги како поддршка за развојот во процесот на социјална инклузија во заедницата каде живеат.

Владата која ја предводам, креира системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Изградивме систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани. Обезбедивме средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка.

Со Законот за заштита на децата, овозможивме барателите сами да одберат кое право ќе го користат-нега од друго лице, лична асистенција и паричен додаток нега од друго лице, а државата тоа што го бараат да го испорача.

Со Новиот Закон за основно образование за прв пат во Северна Македонија имаме организиран систем на инклузивно образование преку кој на секое дете му се дава можност да учи заедно со останатите врсници, но со образовна асистенција. Во моментот во државата има обезбедено 820 образовни асистенти, за децата кои имаат таква потреба.

Правото на паричен додаток го проширивме и за лицата со интелектуална попреченост и аутизам. Воведовме право на 50% скратено работно време за родителите на децата со попреченост, каде половина од платата ја надоместува работодавачот, а другата половина државата. Воведовме право на лична асистенција и за лицата со потешка, или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица.

Во образованието со подзаконски акти, како поддршка на пристапноста, ги обврзавме училиштата, кога побаруваат капитални инвестиции за реконструкција за да им бидат одобрени задолжително да обезбедат пристапни рампи и пристапни тоалети.

Пред неколку месеци беше донесен и Законот за систем за проценка на попреченоста, кој ќе создаде квалитет, стручен и централен систем за проценка на секој тип на засегнато здравје и попреченост, согласно кој ќе се остваруваат материјални и нематеријални права.

Најважно од се е дека со овој Закон ќе се создаде електронски Национален регистар на лица со попреченост, каде по електронски пат државата ќе располага со секаков тип на податоци од оваа област и согласно нив ќе може да ги креираме идните политики за лицата со попреченост. За креирање политики и стратегии  ги слушаме барањата и потребите на лицата со попреченост и нивните здруженија и секако на нивните родители.
Денес имав можност да поразговарам и со родителите на децата кои се згрижени во овој центар во Струмица и навистина можев да видам задоволство на нивните лица со оглед на тоа дека се работи за еден прекрасен објект во кој работат прекрасни вработени кои се грижат за децата.
Националното координативно тело во Владата, заедно со МТСП и германското друштво за меѓународна соработка и со исклучителна партиципација на лицата со попреченост и нивните организации направија нова Стратегија за лица со попреченост 2023-2030 година за чија реализација со Акциски План Владата одвои 46 милиони евра. Нејзината верзија во иднина ќе ја има пред себе секој функционер, а индикаторите за нејзината реализација ќе се следат преку мрежна  електронска алатка, каде лесно се гледа кој колку реализирал.

На вработените во Центарот им посакувам многу продуктивна работа, а на децата многу успешни денови поминати овде.

Ви благодарам.“