КОВАЧЕВСКИ ЗА ФОКУС : ЕВТИНАТА ДНЕВНА ТАРИФА ЗА ДОМАЌИНСТВАТА Е РЕЗУЛТАТ НА ЗГОЛЕМЕНОТО ПРОИЗВОДСТВО – ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ЈА ПРЕТВОРИВМЕ ВО МОЖНОСТ

0
258

„Производството и снабдувањето со електрична и топлинска енергија е сигурно и континуирано и во оваа грејна сезона, уште на 15 октомври кога започна грејната сезона, АД ЕСМ подготвено ја дочека“, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за неделникот „Фокус“.

Во интервјуто премиерот Ковачевски, вели дека во текот на летниот период од страна на АД ЕСМ, се извршени редовни ремонтни активности на сите производствени капацитети, за да може оваа зима да сме подготвени. Во делот на снабдување со топлинска енергија за Град Скопје, испораката на парно се врши од 6:00 – 22:00 часот, по строго утврдени правила и дијаграми.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека и минатата година која беше исклучително тешка, со капацитети стари и по 40 години, но со упорност, со нивно одржување, ремонти, со посветеност од работниците од сите енергетски капацитети, кризата се изменаџира.

„Сите енергетски потенцијали ги ставивме во функција, го активиравме и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, го зголемивме домашното производство на електрична енергија на ЕСМ, со што се обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Образовните институции, болници, комунални дејности беа вратени на регулираниот пазар, за да имаат пониски трошоци за работа. Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022 реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45%. Тоа резултираше, во текот на целата зима да има електрична енергија без никаков прекин“, вели премиерот Ковачевски.

Од друга страна како што посочи премиерот Ковачевски во интервјуто, АД ЕСМ во изминатите години направи капитални ремонти во РЕК Битола, кои не беа направени подолго време, вложени се средства, време и работа сè со цел да се зајакнат капацитетите, да бидат поиздржливи и посигурни во производниот процес.

„Со правилни политики и со поддршката и растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, успеавме кризата да ја претворивме во можност“, потенцираше премиерот Ковачевски во интервјуто за неделникот „Фокус“. Од јануари 2022 година до денес се издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, односно денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија. После 30 години, се избра инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот – „Чебрен“, се направи првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј, а во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола.

„И има уште многу проекти и планирани инвестиции во делот на обновливите извори. Северна Македонија е лидер во енергетската транзиција, ја претворивме нашата држава во зелен енергетски хаб. Ние сме првата држава во регионот на Западен Балкан, која донесе Стратегија за развој на енергетскиот сектор, базирана токму на столбовите на Зелениот Договор на Европската Унија. Ова се стратешки политики, кои на долг рок овозможуваат енергетска стабилност и независност на државата“, посочи премиерот Ковачевски.

Притоа, премиерот Ковачевски во интервјуто посочува дека покрај сигурното снабдување со електрична енергија, во време на криза, приоритет беше и сè уште е, заштитата на граѓаните од ценовни шокови. „Се обезбедија субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани, субвенционирање на цената на електрична енергија за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар. Во новиот 9-ти пакет антикризни мерки предвидени се еден милион евра преку Програмата за енергетска сиромаштија, за финансиска поддршка на над 5.000 семејства. Финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија, а продолжува и мерката за 90% субвенционирање на цената на струјата, со која се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, а сега повторно се овозможи враќање на евтината тарифа, со што граѓаните можат да заштедат над 1.000 денари месечно“, потенцираше премиерот Коачевски во интервјуто за неделникот „Фокус“.