КОВАЧЕВСКИ ЗА ТВ 24 : ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ ЗНАЧИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ, РАЗВОЈ НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ, ПОВЕЌЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ, НАМАЛУВАЊЕ НА НЕВРАБОТЕНОСТА

0
320
Со интеграцијата во Европската Унија придобивките ќе бидат огромни и за граѓаните и за компаниите, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во денешното интервју во „Студио 10“ на Телевизија 24.

Премиерот Ковачевски, во интервјуто посочува дека интеграцијата во ЕУ значи двојно повисоки плати уште во првите пет години, зголемување на странските инвестиции, развој на домашните компании, како и намалување на невработеноста. Од огромно значење особено за големите компании е можноста која се отвора со членството во ЕУ, а тоа е настапот на пазар од половина милијарда луѓе, којшто е неколкукратно помоќен од македонскиот пазар, вели премиерот Ковачевски.

„Знаете што значи да работите во еден момент на пазар од 1,8 милиони луѓе и со влезот во ЕУ да станете дел од пазар, како компанија, од половина милијарда луѓе, којшто е неколкукратно економски помоќен од нашиот пазар. Тоа е поентата во интеграцијата во ЕУ. Со интеграцијата во ЕУ оди дуплирање на платите и тоа во првите 5 години, дуплирање на странските инвестиции, дуплирање на бројот на фирми, намалување на невработеноста, регистрација на фирми од други држави во вашата држава“, рече премиерот.

„80 проценти од македонските граѓани се за членство во ЕУ, тоа го потврдува и фактот што нашите граѓани кога одат да работат во странство – тие одат во ЕУ и во САД. Видете ги оние што се против интеграција на Македонија во ЕУ – кога ќе треба да одат на работа, не одат во Русија да работат, одат во ЕУ или во САД да работат. Стандардот е поголем, социјалната заштита е многу поголема, демократијата е многу повисока, шансата за напредување е многу подобра“, додаде премиерот.

Бугарија, Чешка, Словачка, Романија, Полска, беа и зад нас во времето на СФРЈ, но сега се подобри затоа што се дел од ЕУ, посочи премиерот Ковачевски во емисијата

„Студио 10“ на Телевизија 24.