КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВО ВИНОПРОИЗВОДСТВОТО : НОВИОТ ПРЕДИЗВИК СО КОЈ МОРА ДА НАУЧИМЕ ДА СЕ СПРАВУВАМЕ

0
308

Во Скопје се подготвува првата национална конференција целосно посветена на климатските промени во контекст на винопроизводството во земјава. Премиерното издание на конференцијата ќе се одржи под насловот „Влијанието на климатските промени во винопроизводството“ на 16 ноември во Скопје, организаран од Здружението на вински консултанти и едукатори “Калем-ење овозможен преку поддршката на Амбасадата на Република Словачка во Скопје во рамки на програмата на Slovak Aid.

Собирајќи на едно место педесетина енолози, винари, лозари и експерти од академската фела, конференцијата има за цел да отвори дискусија околу социо-економските импликации кои ги претрпува производството на вино под влијание на климатските промени и изнаоѓање на можности за успешно справување со нив во иднина.

Винската индустрија на глобално ниво е една од областите кои се најмногу погодени од  климатските промени , заради директното влијание на растот на лозата и понатамошниот процес на производството на виното. Имајќи предвид дека Република С. Македонија се соочува со последици предизвикани од климатските услови, конференцијата ќе се осврне на овие предизвици, но уште поважно ќе се фокусира на процесот на спречување на ефектите од климатските промени во лозјето и последователно во производството на вино и како да се ублажат.

–        Додека како човештво се обидуваме да најдеме долгорочни решенија за справување со климатските промени, истовремено мораме да изнајдеме начини и креираме механизми кои ќе овозможат релативно нормално функционирање во новосоздадените услови. И покрај неоптималните услови поттикнати од климатските промени, нашата земја нуди огромен потенцијал за развој на винската култура и во полето на лозарството и винарството, па оттука и идејата и мотивацијата за еден ваков настан: да научиме едни од други како она што го работиме да го работиме уште подобро креирајќи подобри услови за целата винска индустирија. – вели Ивана Симјановска, претседателка на здружението Калем-ење кое стои зад иницирањето и организирањето на настанот.

Зад дебитирањето на овој настан, стои идејата истиот да прерасне во долгорочна пракса на пренесување на знаење, размена на искуства и обезбедување простор за учење и регионално, како и да се продолжи со мисијата на унапредување на винската култура преку одрживо и квалитетно винопроизводство, со посебно внимание на автохтоните видови специфични за нашето подрачје.