ИРЛ : МИЈАЛКОВ СТАНАЛ ШОФЕР ВО ЗАТВОРОТ СТРУГА, КИЧЕЕЦ ПОРАДИ РЕСОЦИЈАЛИЗАЦИЈА ИЗЛЕГОЛ ПОРАНО ОД ЗАТВОР

0
1504

Мијалков станал возач за потребите на струшкиот затвор, но Управата за извршување на санкции одбива да каже какви се неговите специфични задачи и дали и колку е ангажиран надвор од затворот, пишува ИРЛ.

Затворските казни за поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, бизнисмените Јордан Камчев и Зоран Милевски Кичеец на јавноста и беа претставени како триумф на правдата, иако казните беа ниски и не ги опфатија сите нивни дела. Обвинителството дури и се спогодуваше за пари наместо затвор со луѓето кои што го оштетија државниот буџет. Првиот сигнал дека казната затвор не е иста за обичен смртник и богат и моќен човек, беше привилегијата која ја добија да бираат каде ќе ја одлежат. Сите го одбраа затворот во Струга, во кој добија статус на слободни затвореници. Од елитното друштво таму остана уште Мијалков, кој според управата на затворот е работно ангажиран како “возач за потребите на затворот”.

Како Струга нема друга

Осудениците пред да заминат на отслужување на затворска казна прво ќе ја променат адресата на живеење и ќе станат охриѓани. Со тоа ќе си овозможат наместо во затворот „Идризово“, казната да ја издржуваат во Казнено поправниот дом во Струга. Овој затвор не е озлогласен како тој во Идризово затоа што целиот затвор е од отворен тип. Го раководи Ваљон Ќира, кадар на ДУИ и е од отворен тип. Затворениците не се чуваат под клуч во ќелиите, туку се слободни во кругот на затворот и можат да бидат работно ангажирани надвор од установата. Во правосудството добивме и нов термин – затворски туризам, но институциите не открија ништо протизаконски кога елитните скопјани го одбраа затворот во Струга. И очигледно, не погрешија.

Во Скопје со бодигарди, во Струга возач во затвор

Веќе 11 месеци поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање е затвореник во Струга. Тој лани во август почна да ја издржува тригодишната затворска казна за случајот „Империја“. Сашо Мијалков одлучил да не се вработи, но изразил желба да помага во секојдневните работни активности на затворот на позиција возач.

„Сашо Мијалков се уште ја издржува казната затвор во наведената установа, но истиот не е работно ангажиран надвор од установата, туку е ангажиран од страна на казнено – поправната установа за свои потреби како возач, работна задача која и во други казнен-поправни установи зависно од потребите, може да биде доделена на осудени лица кои имаат отворен третман во процесот на ресоцијализација“, одговорија за ИРЛ од Управата за извршување на санкции.

Ова беше кусиот одговор кој на Управата за извршување на санкции им бил доставен од затворот од Струга откако ИРЛ праша каков е статусот на елитниот затвореник. Работниот ангажман на Мијалков отвори и дополнителни прашања кои ИРЛ ги достави до Управата. Но, наидовме на нељубезен однос од вработените кои рекоа дека тие не можат во недоглед да одговараат на прашањата и побараа да ги доставиме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во телефонски разговор оттаму изјавија дека го чекале директорот Јовица Стојановиќ кој ќе одлучел дали ќе одговорат на дополнителните прашања.

Директорот Стојановиќ рече дека бил презафатен со обврски и се повика на кусиот одговор за работниот ангажман на Мијалков.

„Што сакаш да ти кажам повеќе? Кој ден, во колку саат го пали комбето?“, ја праша новинарката.

Од ИРЛ побарале одговор и какво возило управува и кои му се работните задачи. Дали излегува секојдневно од затворот и во кој временски период. Дали како возач патува и надвор од Струга, во други градови и дали за тоа добива некаков надомест.