ИНЦИДЕНТ МЕЃУ ДОКТОРИТЕ САШКО ЈОВЕВ И МАРЈАН ШОКАРОВСКИ : КОЈ КОГО НАПАДНАЛ НА КАРДИОЛОГИЈА?

0
496

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вработен на Клиниката за кардиохирургија, со иницијали С.Ј. денеска, околу 10 часот, прво вербално нападнал медицинска сестра, а потоа физички го нападнал М.Ш. (директор на клиниката), информира Министерството за внатрешни работи. Инцидентот во полициската станица Центар го пријавила Клиниката за кардиохирургија, по што, како што информираат од МВР, вработениот ја напуштил клиниката и самиот се пријавил во полиција.

Полицијата го известила Јавното обвинителство и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург и вработен на Кардиохирургија, потврди дека бил дел од расправија со директорот Марјан Шокаровски. Меѓутоа, како што изјави за „Нова Македонија“, вели дека никој никого физички не нападнал. Д-р Шокаровски пак, вели, дека во интерес на истрагата во моментов не дава изјави.

– Јас пријавив дека директорот вербално ме нападна. Кога се случи тоа, јас се свртев и случајно се удрив во лупите што ги носеше, а се користат за операција. Ниту јас него, ниту тој мене ме удри. Од ударот во лупите имам оток кај окото, а за тоа бев и на преглед. Ми се зголеми крвниот притисок и лежам на Клиниката за кардиологија. Подолго време сум под мобинг на работа, а расправијата беше заради операции и затоа што барав помлад колега да работи во амбуланта со мене. Се сомневам како се води случајот, според информациите што ги читам – изјави д-р Јовев за „Нова Македонија“.

Д-р Шокаровски не сакаше да зборува за тоа што се случило денеска на клиниката.

– Во интерес на истрагата која ја вршат МВР и ОЈО, во моментов не би давал изјави и за сите детаљи ќе ве упатам во МВР – рече д-р Шокаровски.

За инцидентот денеска информираше и Министерството за здравство.

– Министерот за здравство Фатмир Меџити е запознаен со настанот од здравствените работници, побара совесно и професионално однесување и да се посветат на пациентите – се вели во соопштението од министерството.

Инак, д-р Јовев го водеше тимот кој ја направи првата трансплантација на срце во земјава. Тој беше и директор на Клиниката за кардиохирургија до јуни годинава, кога беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство. При разрешувањето Јовев изјави дека во нашава земја само успехот не се простува и го поврза со партиски побуди на министерот. Образложението на Меџити, пак, беше дека „политика апсолутно не стои зад смената на Јовев“ и истакна дека секаде каде што ќе има злоупотреби со него како министер, ќе има и санкционирање.

Извор : Нова Македонија