Заев: СДСМ и граѓаните на Македонија се солидаризираат со пријателскиот народ во Франција

0
1507

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев за ужасниот терористички напад во Ница упати телеграма со сочувство до францускиот претседател Франсоа Оланд, премиерот Мануел Валс и до граѓаните на Република Франција.

„Упатувам искрено и длабоко сочувство до семејствата на над 80-темина загинати, на над 100-темина повредени во терористичкиот напад во Ница, до францускиот државно – владин врв како и до пријателскиот народ во Република Франција, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз.

Најостро го осудуваме кукавичкиот чин во Ница, во кој што настрадаа граѓани кои на улиците на градот ја славеа слободата и еднаквоста, во чест на националниот празник на Франција, 14 јули.

Да се посегне по терористистички акт, какви што се првичните оценки, врз мирољубиви граѓани определени кон овие врвни демократски и цивилизациски придобивки, е уште еден ужасен аларм какво грозоморно зло е тероризмот кој не познава националност и вера туку е атак врз човештвото.

Го споделувам ставот со демократскиот свет дека е неопходно уште поцврсто и уште поорганизирано обединување и дејствување против насилството и омразата и една од најсериозните закани на меѓународниот мир и стабилност, тероризмот.

Се солидаризираме, како Социјалдемократски сојуз и како граѓани на Република Македонија со францускиот народ и подготвени сме да помогнеме во рамки на нашите можности.

Уверен сум дека Република Франција има и физичка и духовна сила да ги изведе одговорните пред лицето на правдата и да се издигне над трагедијата што ги потресе граѓаните на Франција, но и целата светска демократска јавност““, се вели во телеграмата.