ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА БАРА ДЕТАЛИ ОД „АЛИЕКСПРЕС“ ЗА ЗАШТИТАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ОД ПРОДАЖБА НА ЛАЖНИ ЛЕКОВИ

0
273

Европската комисија достави официјално барање до „АлиЕкспрес“ за дополнителни информации за мерките што ги презела компанијата за усогласување со обврските од Законот за дигитални услуги (ДСА) поврзани со проценката на ризикот и мерките за заштита на потрошувачите, посебно во врска со продажбата на лажни лекови преку интернет.

– Законот за дигитални услуги не е само за говорот на омраза, дезинформациите и кибер малтретирањето, туку исто така треба да обезбеди и отстранување на нелегални или небезбедни производи што се продаваат во ЕУ преку платформи за е-трговија – изјави еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон во врска со барањето упатено до „АлиЕкспрес“.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, иницијативата на ЕК е покрената по информациите за зголемениот број на лажни и потенцијално опасни по живот лекови и фармацевтски производи што се продаваат преку интернет.