ДУЕЛ УСТАВЕН СУД – КРЕНАР ЛОГА : УПАТСТВО ЗА НЕФУНКЦИОНИРАЊЕ НА ПРАВНАТА ДРЖАВА

0
441

Добрила Кацарска – претседател на уставен суд / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески.

„Војната“ почна со поништувањето на Упатството за водење матични книги поради пробиени рокови, што го поттикна министерот за правда да поведе иницијативи за слични прописи, по што Уставниот суд во јули оформи десет предмети во кои се оспорен рокот на објава, а за два од нив се поведени и постапки.
Уставниот суд нема да ги коментира изјавите на министерот Кренар Лога, кој минатата седмица го обвини овој суд дека со поништувањето на неговото Упатство за водење на матичните книги, ја отворил Пандорината кутија и ја довел во прашање правната сигурност на граѓаните. Од Судот, пак, се категорични дека токму нивната одлука е во насока да се обезбеди начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Уставниот суд во јули по сопствена иницијатива отвори предмет и го поништи Упатството за водење на матичните книги, затоа што не беше испочитуван уставниот рок од седум дена од донесувањето на прописот до неговата објава во „Службен весник“, односно упатството било заведено со архивски број од 29 мај година, а објавено на 15 јуни 2023 година. На ова министерот Лога реагираше така што по случаен избор најде дваесетина други прописи донесени од разни органи во текот на 2023 година што се на сила, а за чие објавување, исто така, бил прекршен уставниот рок од седум дена и за сите поднесе иницијативи за нивно оспорување пред Уставниот суд.

Во одбрана на пробиениот рок за објава, Лога на последниот брифинг со новинарите покажа одлука на Уставниот суд од 2004 година, која, како што рече, била донесена од најдобриот состав на уставни судии кога било досега, а во која било оценувано тоа што Законот за државјанство бил објавен во „Службен весник“ со задоцнување од 31 ден. Во таа одлука е наведено дека „уставно определениот рок за објавувањето на законите и другите прописи од нивното донесување нема ограничувачка цел во однос на нивната примена во случај кога тие се објавени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок. Таа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободата и на правата на граѓаните на кои и во ваков случај им е обезбедено гарантираното право на објавување заради запознавање со законите и другите прописи во правниот поредок“.

„Судиите на Уставниот суд одлучуваат по сопствено убедување“
Од Уставниот суд велат дека Судот своите ставови ги изразува преку одлуките и нема да коментираат изјави дадени во јавноста.

– Во процесот на носење одлуки, судиите на Уставниот суд одлучуваат по сопствено убедување, во согласност со Уставот. Во случајот предмет на оцена беше Упатството, а не Одлуката што ја посочувате. Основното прашање што беше претставено пред Судот е дали е почитуван уставниот рок за објавување на Упатството, при што Уставот е повеќе од јасен, рокот за објавување во „Службен весник“ е „најдоцна седум дена од денот на донесувањето на законот или прописот“. Уставните одредби важат за сите. Впрочем, членот 52 од Уставот е содржан во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, конкретно во делот на гаранциите на основните слободи и права, што укажува дека Уставот во однос на објавувањето на законите и другите прописи, не приоѓа како на техничко прашање, туку како на суштинско прашање од значење и во функција на обезбедување на начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните – велат од Уставниот суд за „Слободен печат“.

Од Судот додаваат дека почитувањето на роковите за објавување на актите, претставува обврска на доносителот на актот, кој е должен да обезбеди прописот да биде објавен во уставниот рок.
Во врска со прописите што ги оспори министерот Лога заради пробиениот рок за објавување во „Службен весник“ од Уставен суд велат дека постапуваат, а за дел од оспорените прописи се поведени и постапки.

– За секој што ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд и за што ќе биде оформен предмет, ќе се постапува во согласност со Деловникот – велат од Уставниот суд.
Лога најави дека наскоро ќе донесе ново упатство
Минатата недела Лога најави и дека наскоро ќе донесе ново упатство, откако ќе изврши дополнителни консултации.
– Во релативно кратко време Уставниот суд донесе одлука што е спротивна со одлуката донесена од ист суд за ист Устав во 2004 година, кога се оспоруваше Законот за државјанство кој беше повеќе од 31 ден надвор од уставниот рок. Сега со оваа одлука верувам дека правната сигурност во државата е прекршена бидејќи станува збор за ист суд, за ист Устав и од другата страна со ова се дозволува на министерот во соодветен уставен рок од седум дена да потпише ново упатство, така што јас најавувам дека со дополнителни консултации, истото упатство ќе биде донесено од моја страна – изјави Лога.

Не е познато колку прописи се на сила, а кои биле објавени со пречекорување на уставниот рок од седум дена. Според министерот Лога, можно е да се работи за стотици законски и подзаконски акти, а тој ги оспорил како неуставни оние што ги нашол по случаен избор. По неговите иницијативи Уставниот суд во текот на јули оформи десет предмети во кои се оспорени роковите на објава, меѓу кои: правилникот за лиценците за рударски проекти, донесен од Министерството за економија, правилникот за ограничено користење на ГМО и правилникот за прекршочниот платен налог, донесени од Министерството за животна средина, упатството за доставување податоци за платежната статистика, донесен од Народна банка, решението за цените на обрасците што ги издава МВР, донесено од МВР, правилникот за барањето за ослободување од даноци, донесено од Владата, правилник за внатрешна систематизација на работните места, донесен од МИОА.

Уставниот суд засега поведе постапка по две иницијативи поднесени од Министерството за правда. Во едната е оспорено упатството за спроведување на одлуката за методологијата за управување со ликвидносниот ризик, како и правилникот за содржината на студиските програми.
Доколку постапува исто како со Упатството за водење на матичните книги, се очекува дека Уставниот суд ќе ги поништи сите оспорени акти во кои е пробиен уставниот рок за објавување, што ќе има ретроактивно дејство, односно ќе се смета како актот никогаш да не бил донесен.
Со Упатството за водење матични книги, кое сега е поништено поради пробиени рокови, министерот Лога предвиде во изводите од матичните книги да биде впишана и националноста, односно етничката припадност на лицето. Етничките изводи беа најавени како мерка со која ќе се спречи лажното претставување на Македонци како Албанци и сл. при вработување во јавната администрација по етнички клуч.