ГУЖВИ ОД БИТ ПАЗАР ДО „ЏАМБО“ ОТКАКО МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е ЗАТВОРЕН

0
528

Кога ќе биде пуштен мостот не се знае, се чека проценката од Град Скопје колку е оштетен. (Фото: К. Попов)

Колони возила и гужви се создаваат од Бит Пазар до комплексот банки во Скопје, откако мостот „Беласица“ од петокот е затворен за сообраќај по пожарот кој го оштети. Граѓаните кои живеат во општините Чаир и Бутел за да стигнат до центарот на градот возат по еден час, бидејќи гужвите почнуваат уште од улицата Цветан Димов кај пешачкиот надвозник. Додека се помине Бит Пазар и крстосниците кај „Мавровка“ и „Џамбо“ се вози по половина час. Исто е и наутро и попладне.

Кога ќе биде пуштен мостот не се знае. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека Град Скопје, под чија надлежност е мостот, формирал работна група со професори од Градежен факултет кои треба да направат проценка на состојбата и да кажат колку е оштетен и каква санација треба.
„Мостот гореше со температура од 1.000 степени целзусови. Бетонската подлога од долната страна која го штити мостот ги губи своите својства над 400 степени, а арматурата над 600 степени постои опасност да изгуби дел од своите својства. Носечките столбови кои го држат мостот се на долната страна која гореше. Поради сите овие факти, сметаме дека мостот треба да биде затворен. Градот Скопје формираше работна група која треба да излезе со податоци колкава е штетата и дали мостот може да се реновира и колку време ќе треба да се стабилизира ако се утврди дека штетите не се толку големи. До овој момент немаме никакви информации од Град Скопје“, вели Ангелов.

МОСТОТ КАЈ СКОПСКА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА, А НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА САНАЦИЈА Е МОЖНА, ВЕЛИ АНГЕЛОВ
Од Град Скопје и кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не добивме одговор на нашите прашања за состојбата на мостот „Беласица“ и што е утврдено од досегашниот увид. Арсовска не се појави ни на самото место по пожарот, ниту пак Град Скопје даде официјално известување за пренасочување на сообраќајот и евентуалните мерки што ќе ги преземе.