ГРКОВСКА : НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ ЕВРОПСКАТА ОРИЕНТАЦИЈА НА НАШЕТО ОПШТЕСТВО ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ДИЗОРИЕНТАЦИЈА СО РИЗИЧНИ ИМПЛИКАЦИИ

0
349

Почитувани,

„Напредокот кон ЕУ несомнено значи подобри услови за живот и повеќе можности за развој за сите наши граѓани. Носи нови и посветли перспективи за народите кои изминативе децении преживеаја многу турбулентни времиња и кризи. За жал, обременетоста со историјата на конфликти и сите надворешни и внатрешни фактори кои профитираат од тој наратив, и ден денес се сопирачка која ги отежнува позитивните процеси на кои сме посветени. Директно, тоа влијае на динамиката на нашето пристапување во ЕУ, иако самата Унија е основана за да се стави крај на историските раздори на европско тло во име на иднината.“,изјави заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на Регионалниот експертски состанок за Кластер-1 (Основни вредности), во организација на Европското движење на Северна Македонија-Национална конвенција за ЕУ, кој денеска се одржува во Скопје.
Во своето обраќање на овој настан, вицепремиерката Грковска истакна дека големото одолговлекување на европскиот пат, бројните објективни, но и тенденциозно креирани кризи ја оневозможуваат и неопходната културолошка промена, кон која тежнеат сите што се посветени на борбата со корупцијата, особено во поглед на толеранцијата во општеството кон овој феномен.
„Децениското вкоренување коруптивни практики не може да се излечи и надмине толку брзо колку што би сакале. Ниту пак лесно може да изградите капацитети, ако на вашите напори му претходело владеење кое целосно ги заробувало и разградувало институциите. Денеска истите тие цинично го припишуваат на денешната влада сето она што тие свесно и плански го уништија и сметаат дека актуелните кризи и пречки, ќе го избришат злоделото кое ја изолираше и свесно ја уназади државата“,истакна Грковска, додавајќи дека не може да се негира ниската доверба во институциите, особено во правосудството и дека во мала земја како нашата, тешко е да се исфрлат од употреба „тефтерчињата“.
„Во ризичните времиња во кои живееме, не смееме да дозволиме европската ориентација на нашето општество, која беше речиси акламативна, да  се претвори во дезориентација со ризични импликации.“, изјави Грковска и порача дека заедно со нашите европски пријатели, мора да го сопреме порастот на недемократски и авторитарни влијанија кои ја намалуваат поддршката за членство во ЕУ.
Денешниот регионален состанок е во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“ спроведуван од постоечките структури на Националната конвенција за Европската унија, партиципативен модел на дијалог кој функционира во Србија, Албанија и Северна Македонија и е насочен кон демократизација на процесот на интерација во ЕУ.

Со почит,