ГЕРБ НА БОЈКО БОРИСОВ ВО ВОДСТВО НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА

0
157

Борисов не верува дека некоја партија или коалиција ќе може да формира нова влада и по овие шести избори во последните три години.
Партијата од десниот центар, ГЕРБ, предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, е во водство на парламентарните избори во Бугарија, покажуваат првичните излезни анкети.

Бугарите денеска (9 јуни) гласаа на шестите по ред парламентарни избори во последните три години, но аналитичарите сметаат оти е малку веројатно дека од и по овие избори ќе може да се формира стабилна влада која ќе стави крај на долгата политичка нестабилност и ќе се деблокираат економските реформи.

Според анкетите нарачани од националните телевизиски куќи, ГЕРБ би освоила повеќе од 25 отсто од гласовите, по што следат неколку други партии, вклучувајќи ја и реформистичката коалиција „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.

Поранешниот бугарски премиер Борисов претходно денеска (9 јуни) изјави дека се сомнева оти некоја партија или коалиција ќе може да формира нова влада.

„Не гледам како може да се формира влада по овие избори“, рече Борисов откако гласаше на изборите.

Тој додаде дека не изгледа веројатно неговата партија, ГЕРБ, да го стори тоа со кој било потенцијален партнер, како ни опозицијата со своите сојузници.

„Или сме само ние или некој, така што нема математика во овој случај“, рече Борисов, кој одби да каже кого ГЕРБ потенцијално ќе предложи за премиер.

Борисов водеше три влади во Бугарија во изминатата деценија, но неговата поддршка опадна поради обвинувањата за корупција, врските со олигарсите и нападите врз слободата на медиумите.

Бугарија, која е најсиромашната членка на Европската унија и е една од нејзините најкорумпирани држави, се соочи со честите промени на власта по масовните антикорупциски протести во 2020 година. Оттогаш, беа одржани пет изборни циклуси кои резултираа со несигурни коалиции кои брзо се распаднаа.

И истражувањата на јавното мислење во пресрет на изборите покажаа дека и на овие, шести по ред, ниту една политичка партија нема да добие мнозинство во парламентот.

На Бугарија и треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од ЕУ, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во Шенген зоната.

Плановите за приклучување кон еврозоната досега веќе двапати беа одложени поради инфлацијата, а новиот датум за пристапување е 25 јануари 2025 година. Неуспехот да се формира стабилна влада по денешните избори, пак, ќе го зголеми ризикот од дополнителни одложувања.

Бугарија досега има добиено само 1,4 милијарди евра од вкупно 5,7 милијарди евра достапни во форма на грантови од Инструментот за опоравување и отпорност на ЕУ.

До денешните избори дојде поради колапсот на владејачката коалиција во март, која се состоеше од ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов и реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) предводена од уште еден поранешен премиер, Кирил Петков.

Бугарите денеска паралелно гласаат и за свои претставници во Европскиот парламент, но заморот од изборите може да биде проблем. Во анкета на Галуп, само 40 отсто од испитаниците се изјаснија дека планираат да гласаат.

Извор : Слободна Европа