ВО ПОСЕТА НА ЗЕМЈАВА ВО ПАРЛАМЕНТОТ ПРИСТИГНА ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ

0
207

Комисијата за надворешна политика и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на германскиот Бундестаг – Парламентарна група за соработка меѓу Германија и Југоисточна Европа. Делегацијата од Германија, исто така, се сретна и со членовите на Пратеничката група за соработка со Бундестагот.

На средбата со Комисијата за надворешна политика, претседателот на истата, Антонијо Милошоски, се заблагодари за традиционалната поддршка од Германија на сите полиња, за што зборува и изградениот добар јавен имиџ кај нас за оваа земја.

Во однос на евроинтеграциите, рече дека сите партии се за, но пристапот е различен. Кај граѓаните постои основано разочарување и недоверба, со оглед на ветувањата дека со промена на името во спорот со Грција ќе ни се отворат вратите на ЕУ, што не се случи, а сега се соочуваме со вето од Бугарија, која бара измени во Уставот, но нема гаранција дека потоа нема да има и други барања. Билатералните спорови не треба да се дел од евроинтеграциите, а ако веќе постои наметнат проблем, тогаш да се следи хрватско-словенечкиот пример. Колку повеќе е присутна ЕУ во Регионов, толку помалку простор за неевропските актери – потенцира Милошоски.

Германската делегација, предводена од претседателот на Групата, Јосип Јуратовиќ, покажа разбирање за состојбата во земјава, даде поддршка за евроинтегративниот пат, што се докажа со донесувањето на последната Резолуција за нашата земја во Бундестагот. Но, како што рече Јуратовиќ, иако се најјаката нација во Европа, сепак во ЕУ не одлучуваат сами и се на мислење дека треба оддалечување од принципот на едногласност.

За претстојните избори порача натпревар на идеи и аргументи врз принципот на демократијата, со фокус на најдоброто за иднината на земјата и граѓаните.

На средбата со Комисијата за европски прашања, претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, ги нагласи традиционално добрите односи помеѓу двете пријателски земји, со тенденција за нивно унапредување. Посебно се заблагодари за донесените Резолуции во Бундестагот, со кој, меѓу другото Германија го поздрави Охридскиот рамковен договор, го поддржа почетокот на преговорите за ЕУ членство и ја призна македонската култура, идентитет и јазик, со појаснување дека Европејците се карактеризираат со голема разновидност на јазици и култури кои се составен дел од европското заедничко културно наследство.

Адеми упати уверување до гостите дека земјава има постигнато внатрешна политичка, етничка, економска и општествена кохезија во секој поглед, а пред сѐ за евроинтегративниот процес. Земјата има за цел да спроведе реформи поврзани со владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на малцинските заедници. Во едно мултиетничко општество, како што е нашето, ЕУ е најсилен кохезивен фактор кој нѐ движи напред.

Јуратовиќ, од своја страна го означи Берлинскиот процес како многу битен, во кој се вклучени Парламентите. Проширувањето со земјите од Западен Балкан, ќе значи и зајакнето европско семејство. Европа ја гледаме како Европа на вредности, а не на бизниси – заклучи Јуратовиќ.

Со германската делегација, во попладневните часови средба ќе оствари и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија.

Со германската делегација средба оствари и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија.

Претседателот на истата, Антонијо Милошоски, поздравувајќи ги присутните, меѓу другото, искажа очекување за почести средби на парламентарно ниво меѓу двете земји и за понатамошно јакнење на соработката.

Пратеничката Маја Морачанин истакна дека за Северна Македонија би било мошне корисно германското искуство во процесот на енергетската транзиција. Таа, исто така, се заложи за јакнење на парламентарната дипломатија и во таа насока за интензивирање на соработката меѓу Парламентите на двете држави.

Пратеничката Жаклина Лазаревска се заблагодари за целокупната поддршка што ѝ ја дава Германија на македонската економија и посочи дека за земјава е мошне значајно германското искуство во поглед на реформите на образованието.

Во текот на разговорите на оваа средба посебен акцент беше ставен на размената на мислења за образовните реформи и за проектот за дуално образование, како и за законите за средно образование и за стручно образование и обука, кои се на дневен ред на 140. пленарна седница на Собранието на РСМ.