ВЛАДАТА ГИ УНАПРЕДУВА ИНКЛУЗИВНИТЕ ТАКТИКИ ЗА ЕФИКАСЕН МОДЕЛ НА ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

0
663

Унапредувањето на инклузивните практики со цел градење на одржлив и ефикасен модел на образование за децата со попреченост е целта на состанокот на Спасе Додевски, советник на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за здравствена заштита, образование, социјална заштита за лицата со попреченост и претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, со професори од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофски факултет – Скопје.

На работниот состанок се разговараше за можностите на унапредување на инклузивните практики во образованието за лицата со попречености со усогласување на клучните препораки и заложби на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофски факултет при УКИМ во Скопје, кој за приоритет го има создавањето на квалитетни кадри кои ќе го следат овој процес.

На средбата беше разговарано за досегашните искуства и предизвици при имплементирањето на инклузијата во образованието и заеднички беше утврдено дека треба да се работи на подобрување на капацитетите на ресурсните центри кои во себе би вклучувале и образовна компонента. Исто така беше истакнато и значењето на процесот на рана интервенција кон која треба да се пристапи од најраната возраст на децата со попреченост.

Од обете страни беше изразена подготвеност за понатамошна размена на знаења и интензивирање на овие средби во правец на подобрување на инклузивните практики со цел градење на одржлив и ефикасен инклузивен модел на образование.