БУЈАР ОСМАНИ ЈА НАЦРТА ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО КРЕДА НА ТАБЛА

0
461

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на несекојдневен и сликовит начин ја претстави преговарачката рамка и како ќе се одвива пристапниот процес во Европската Унија преку видео кое го сподели на неговиот Фејсбук профил.

Со цел да ги демантира шпекулациите за нејзината содржина, како што наведува Османи во видеото, тој преку скица на преговарачката рамка, што ја исцрта со креда на табла, ги претстави деловите од коишто е составена. Османи потенцира дека Договорот за пријателство со Бугарија, работата на Историската комисија и прегледите од член 12 од истиот Договор не можат да бидат пречка за отворање и затворање на поглавјата за преговори со ЕУ.

„Преговарачката рамка е составена од општ и специјален дел. За општиот дел, општите одредби нема извештај или гласање од земјите-членки кои би можеле да претставуваат пречка“, вели Османи.

За специјалниот дел од преговарачката рамка, односно 35-те поглавја има одредници – за отворање и за затворање на поглавјата. За исполнувањето на овие одредници, вели Османи има и извештај и гласање од секоја земја-членка на ЕУ.

„Одредиците се содржани во трите патокази што ќе ги подготвиме после скринингот –патоказ за владеење на правото,за јавната администрација и за демократските институции. Во патоказот за владеење на право се наоѓа одредница за акциски план за малцинства, кој не се однесува на некое специфично малцинство, туку генерално за сите, етнички и неетнички малцинства“, појаснува министерот.

Она што е поважно, вели Османи, е дека во ниту една од овие одредници, патокази, односно скалила во специјалниот дел од преговарачката рамка нема никаква референца или поврзаност со Договорот за пријателство со Бугарија, ниту со работата на Историската комисија, ниту пак прегледите од член 12 од истиот Договор.

„Напротив, и Договорот за пријателство и прегледите од член 12 од Договорот, како и Договорот со Грција се нотирани во општиот дел од рамката, делот за кој ниту се изготвува извештај од страна на Европската Комисија, ниту претставува предмет на гласање, или одобрување од страна на Советот на ЕУ, односно земјите- членки на Унијата. Тоа не значи дека ние нема да работиме на нивната имплементацијата, ние секако ја имаме преземено таа обврска и тоа ќе го правиме во добра волја, но тие не се одредници за кои ќе се изготвува извештај или ќе се гласа и оттука не можат да бидат основа за нова пречка на патот кон ЕУ“, појаснува Османи.