БОРЕЛ : СИТУАЦИЈАТА ВО КОСОВО Е НЕПРИФАТЛИВА, ПОБАРАВ ЕУЛЕКС ДА СЕ ЗАСИЛИ

0
357

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, вечерва во Брисел изјави дека моменталната ситуација на Косово е неприфатлива и затоа од земјите членки на ЕУ побарал, доколку е потребно, да ги зајакнат своите сили во рамките на ЕУЛЕКС.На прес-конференцијата, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Борел кажa дека „од август регионот живее во маѓепсан круг на тензии, провокации и акции што ескалираа во последните неколку дена и предизвикаа сериозни безбедносни инциденти, вклучувајќи го и нападот врз мисијата ЕУЛЕКС и врз косовската полиција“.

Тој додаде дека барикадите ги блокираат патиштата во Косово, што, како што рече, е „неприфатливо од партнерите кои сакаат европска иднина“.-Оваа ситуација мора да заврши и да се отстранат барикадите. Мора да се врати мирот. Советот на ЕУ јасно ги повика двете страни да се смират и да се воздржат од насилни и провокативни акции, додаде Борел.

Тој, исто така, кажа дека неодамна ревидираниот предлог на ЕУ, поддржан од Германија и Франција, што беше проследен до Белград и Приштина, сега има „силна поддршка“ од сите 27 членки на Унијата.