БОМБА НА ЧАДИЕВА : ВО ОПШТИНА ВЕЛЕС ВРИЕ КРИМИНАЛ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС МАРКО КОЛЕВ НАМЕСТО ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛ ДАЛ ДОЗВОЛА НА АПАРТМАНИ ЗА ПРОДАЖБА

0
1078
Пресконференција на Даница Чадиева, претседател на ОО СДСМ Велес.
Почитувани претставници на медиумите, драги сограѓанки и сограѓани.

Во Општина Велес врие од криминал.

Овие денови велешката јавност, а особено екологистите, љубителите на природата и љубителите на Езеро Младост се изненадени, вознемирени и загрижени, заради информациите што беа објавени во јавноста за почетокот со градба на ексклузивни апартмани за продажба покрај брегот на Езеро Младост.

СДСМ како идеен творец и иницијатор за урбанизирање на просторот околу езерото е загрижена од грубото, незаконито, дрско и безобразно кршење на законите и од злоупотребата на службената положба и овластувања на градоначалникот и на дел од урбанистите од Одделението за урбанизам во Општина Велес.

Затоа што:

1. Општина Велес на криминален начин, со грубо кршење на членот 68 од Законот за градежно земјиште ја отуѓила градежната парцела со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела. Имено, лицето поседувало само 306 м2 од парцелата 1.3. на Езеро Младост што е помалку од 5 % од вкупната површина на градежната парцела иако според одредбите од Законот за градежно земјиште сопственикот мора да поседува најмалку 30 % од површината на парцелата.

2. Со важечкиот Детален урбанстички план за Езеро Младост, зоната за викендување и живеење е лоцирана во т.н. Сателитска населба. Со истиот план зоната за развој на езерски, транзитен, риболовен и ловен туризам е утврдена од левата страна на езерото кога се оди од Велес кон браната. На овој простор се предвидени локации за изградба на хотели и други туристичко угостителски објекти, паркинзи, како и објекти за рекреација и за забава. Значи, на парцелата означена во ДУП со реден број 1.3, предвиден е хотелски комплекс, а дадено е одобрение да се градат апартмани за продажба, што е спротивно на одредбите до ДУП.

3. На парцелата означена во ДУП со реден број 1.3 објектот според ДУП треба да биде со приземје и три ката, со вкупна висина од 13, 6 м и тоа до кота на венец. Површината на градежната парцела е 5.845 м2, максималната површина за градба е 1.461 м2, а максималната бруто развиена овршина е 6.163 м2, со коефициент на искористеност од 22,1 % и со 32 потребни паркинг места. Според објавите на инвеститорот на фб страната со име Велмонд, објавена е компјутерска фотографија од која се гледа дека објектот наместо со приземје и три ката, е предвиден да биде со приземје и со шест ката и со намена за апартмани во објект од затворен тип, кои веќе се продаваат, а не за хотел од отворен тип достапен на сите заинтересирани туристи и гости. Тоа значи дека објектот ќе биде со скоро двојно поголема бруто развиена површина што не е дозволено со ДУП. Инфраструктурата на езерото, водовод, канализација, електрична енергија, пристапен пат, не се димензионирани за да издржат толку голем број на станбени единици и нови жители.

4. Наместо еден приклучок за напојување со електрична енергија и еден приклучок за снабдување со вода за пиење, на барање на инвеститорот одобрени се околу 60 приклучоци. Тоа уште еднаш го потврдува фактот дека се работи за груба злоупотреба и изигрување на законите, затоа што нема да се гради хотел како една целина, туку модерно кажано апартмани или станови, во зона што не е предвидена ниту за индивидуално ниту за колективно домување.

Да резимираме:

Согласно одобрението за градба издадено од Општина Велес на 29.05.2023 година, потпишано од градоначалникот Марко Колев, на инвеститорот му е издадено одобрение за градење на хотелски комплекс – апартмани.
Градоначалникот Марко Колев и одговорните во одделението за урбанизам направиле повеќе груби прекршувања на одредбите од ДУП кој е со сила на закон, како и на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Правилникот за урбанистичко планирање.

Не мора да сте стручен во областа на урбанизмот за да ги утврдите грубите злоупотреби. Зошто тоа го направил градоначалникот Марко Колев ќе утврдат надлежните истражни органи.

Затоа, бараме одговорност од градоначалникот и од неговите соработници урбанисти. Ви најавувам дека многу брзо ќе поднесеме соодветни пријави до Државната комисија за спречување корупција, до Министерството за внатрешни работи, до Јавното обвинителство и до Државниот градежен инспекторат. Очекуваме да ја утврдат вистината врз основа на факти.

Ако се потврдат нашите сомнежи и сомнежите на јавноста против сите инволвирани во овој скандал, на чело со градоначалникот Марко Колев очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки за одговорност.

За да не му се нанесуваат дополнителни штети на јавниот интерес на граѓаните на Општина Велес бараме градбата веднаш да биде стопирана од градоначалникот и градежните инспектори.