БОЖИЌЕН РУЧЕК ВО ПРИЛЕП ЗА 500 ДЕЦА

0
444

👐 Под мотото ,,Едно небо за сите“ во организација на „Детска амбасада за сите деца во Светот“ и оваа година на Божик, традиционално, по 17ти пат, се одржа заедничкиот Божикен ручек за 500 деца од различни градови од Македонија.

Деца од Прилеп, од Скопје, Битола, Тетово, Крушево, Охрид, Струмица и од други градови од Македонија, деца од сите верски заедници, заедно се дружеа и празнуваа, радувајќи му се на празникот и упатувајќи пораки за радост, среќа и безгрижно детство.

„Божик е празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите кои ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна. Токму и целта на овој настан е сите ние да се чувствуваме еднакви и празникот да го славиме заедно. На децата без родители, децата на бранителите, децата со посебни потреби, како и на децата членови на Детската амбасада за сите деца во светот, сакам да им го честитам празникот и Новата година со желби за многу здравје, радост, среќа, успех и безгрижно детство.

Секоја година ние како локална самоуправа го поддржуваме овој настан, и оваа година исто така за децата обезбедивме новогодишни пакетчиња. И во иднина имаме предвидено многу хуманитарни настани кои што ќе се реализираат во текот на годината и кои што на ваков или сличен начин ќе ги поддржиме, со цел да им овозможиме на сите дечиња да ја почувствуваат магијата на празниците и магијата на детството.“ – истакна Јовчески.

„Целта и значењето на овој настан се мотив за нашата посветеност кон единството на децата, сплотени под едно небо, без никакви разлики по верска, етничка, јазична, или било која друга определба на децата. Ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа Божикна трпеза заедно се дружат деца од сите верски заедници“ -истакна Петар Стојаноски од здружението.

Александра Северкоска Стојаноски – извршен директор на Детската амбасада, градоначалникот Борче Јовчески и Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар упатија порака за мир, благосостојба, радост и безгрижно детство на сите деца. Прилепскиот градоначалник, кој на децата им подари новогодишни пакетчиња, порача годинава да биде година на среќа, сплотеност и дарување.

На Божикниот ручек се пееја божиќни песни, членовите на студиото „Зодијак“ од Прилеп ја направија традиционалната поворка и пред импровизираната пештера ја искажуваа радоста од Христовото раѓање, а Божикниот ручек го благослови владиката Петар.

Годинава, признанието „Орден на мирот“ организарот, Детската амбасада за сите деца во светот, му го додели на реномираната компанија „Кромберг и Шуберт“ од Битола, а ПЛАКЕТА ЗА ПРИЈАТЕЛ НА ДЕЦАТА, им доделија на: Прилепска пивара – Прилеп и Танц студио „Зодијак“ од Прилеп.