АРСОВСКА ДЕМАНТИРА ДЕКА БУЏЕТОТ НА МКЦ Е СКРАТЕН ЗА 92 ОТСТО, ОД ПРОТЕСТОТ ПРЕД ГРАД СКОПЈЕ СТИГНА ДЕМАНТ НА НЕЈЗИНИОТ ДЕМАНТ

0
402

Градоналничката Арсовска покажа документи според кои буџетот на МКЦ за оваа година не е намален за 92 отсто во однос на претходните години, туку само незначително. Според Арсовска, минатата година на МКЦ, од основниот буџет Град Скопје му одобрил 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари. А, од сумата што се одвојува од буџетот за дотации, лани Градот на МКЦ му дал 34 милиони денари, а и оваа година сумата е иста.

„Намалувањето колку што можете да видите во вкупен износ е незначително и ниту во еден случај не е затоа што Градот Скопје нема интерес оваа институција да функционира , туку напротив МКЦ мора да работи и може да работи самоодржливо, со капацитетите со кои располага“, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Музичари, уметници и активисти кои го органираа музичкиот собир во неделата во одбрана на МКЦ и кои денеска дојдоа пред Град Скопје да протестираат, тврдат дека буџетот на оваа градска установа годинава е драстично скратен.

„Срамота е да скратиш буџет за 92 отсто. Во 2021 година – 24 милиони, во 2022 година – 12 милиони, во 2023 година – два милиона. Тоа е тешка срамота тешка“, вели мнузичарот Мартин Џорлев.

Дека буџетот од Град Скопје е скратен, може да се види и со споредба на податоците. Буџетот за МКЦ за оваа година е два милиона, а минатата година бил 8,4 милиони денари. Лани за киното „Милениум“ биле издвоени 6 милиони денари, а годинава 2,5 милиони.Арсовска негира дека в.д. директорот на МКЦ, Богоев бил разрешен зашто не прифатил да потпише решение за вработување на Бени Шаќири. Според градоначалничката на Богоев му бил истечен мандатот.

„Што се однесува до лажните вести за наводен притисок врз претходниот в.д. директор на МКЦ, во целост ги отфрлам овие обвинувања. Доколку г-нот Ванчо Богоев во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги , изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд“, додава Арсовска.

Но, од протестот пред Град Скопје, рекоа дека смената на Богоев и назначувањето на Алексов на неговото место е со прекршување на статутот на МКЦ.
„Според Статутот на МКЦ, член 31 кога се назначува директор без конкурс треба да е од редот на вработените. Сегашниот директор е назначен само неколку дена претходно , преку Агенцијата за привремено вработување“, рече музичарот Борјан Гаговски.