АКТИВИСТОТ СУАД МИСИНИ ШТРАЈКУВА СО ЖЕД ЗА СЕКОЈ ДА ДОБИЕ МАТИЧНА ЕВИДЕНЦИЈА

0
508

Претседателот Стево Пендаровски утрово го посетил активистот Суад Мисини, кој во текот на вчерашниот ден почна штрајк со жед, со цел да им помогне на граѓаните кои имаат проблем со личните документи.

Како што информираше Пендаровски на својот фејсбук профил, во разговорот го информирал Мисини дека го потпишал Указот на законот со кој се изменува Законот за матична евиденција на граѓаните.

-Со овие измени им се овозможува на над 600 наши граѓани да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со бездржавјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи, појасни претседателот.

Тој потенцира дека е потребно што е можно поскоро да се направат измени и во Законот за живеалиште и престојувалиште, со што ќе се овозможи на уште една ранлива категорија граѓани да извадат лични документи.

Пендаровски апелира до пратениците во македонското Собрание кои веќе работат на овој процес, да го завршат час поскоро, затоа што, како што посочува, секој човек има право на достоинствен живот.

„СЕГА И ВЕДНАШ!!!
Време? Нема!
Борбата на Суад продолжува!
Еден човек, повторно сам, наспроти цел еден закочен, тромав и нефункционален систем!
Втор ден штрајк со жед!
А само три дена се возможни без вода!
Да не зборуваме за последиците кои може да настанат и за тие три дена!
Ако се случи најстрашното, неговиот живот ќе згасне поради неспособноста на властите да го овозможат основното право на човекот, ПРАВОТО НА ЖИВОТ!!!

– Стотици деца и возрасни без матична евиденција се лишени од правото да градат продуктивен живот, правото на школство, нега, социјална грижа, правото на работа – немањето слух на власта за овие проблеми, го натера активистот за човекови права и слободи, Суад Мисини, да започне штрајк со жед. Сам, во паркот спроти македонскиот Парламентот испрати порака за ургентноста од потребата да се донесат законите – апелира на животот да му се стави македонско знаменце, со значење – веднаш“, реагираат од Детската амбасада Меѓаши.

Проблемот особено се актуелизираше по смртта на деветнаесетгодишниот Мемет Камбер кој беше познат на скопјани, но замина по децениска административна борба за лична карта и животот го заврши на 19 години, без можност да ја лекува хроничната болест со привилегии на фондот за здравство како граѓанин роден во земјата со право на сите лични документи.

Собранието минатата недела ги усвои измените на Законот за матична евиденција, со кои ќе се овозможи решавањето на случаите и правна видливост за 700 граѓани кои водеа децениски битки со системот да добијат правен идентитет. Измените беа усвоени по брза постапка со 63 гласа „за“. Овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

Усвојувањето нa измените на Законот за матична евиденција ја стави Северна Македонија на вистинската патека да ги реши сите случаи на бездржавјанство до крајот на годината и со тоа да стане првата земја во Европа, која ќе стави крај на бездржавјанството и втора во светот, изјави Моника Сандри, претставничка на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации – УНХЦР.