АГЕЛЕР : ЧЕКАМЕ ПИСМО, КООРДИНАТОРОТ ЗА АНТИКОРУПЦИЈА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ НЕ Е ТУКА ДА ГИ КАЖЕ ИМИЊАТА ОД „ЦРНАТА ЛИСТА“

0
326

Координаторот за антикорупција на американскиот Стејт департмент, Ричард Нефју кој е во посета на земјава не е тука да ги соопшти имињата на лицата од „црната листа“ на САД,  туку е тука за да се дискутираат процесите, санкциите и протоколите што САД ги имаат во однос на прашањата поврзани со борбата против корупцијата.

Ова денеска го изјави американската амбасадорка, Анџела Агелер, која заедно со министерката за одбрана присуствуваа на вежбата со хеликоптерите „блекхок“ на армијата на САД на Криволак.

Таа посочи дека денеска присуствувала на средбата на Нефју со претседателот на државата, Стево Пендаровски и изрази задоволство што координаторот за антикорупција на американскиот Стеј департмент одвоил време да ја посети земјава.

„Јас бев утрово на средбата со претседателот Пендаровски и мило што успеа да го вметне овој планиран состанок во неговата агенда. Тој не е тука да открива имиња од `црната листа` ниту нешто слично, туку е тука да се дискутираат процесите, санкциите, протоколите што Владата на САД ги има по ова прашање со корупцијата. Ние сме во тесна соработка со Вашингтон, секојдневно комуницираме и мислам дека Нефју е еден добар сојузник и промотор на сите овие процеси за борба против корупцијата која што сметам дека и за вас е едно од најважните прашања“, изјави Агелер, одговарајќи на новинарско прашања.

Во врска со нејзината изјава од завчера дека во наредните месеци ќе има едно или две лица што ќе се најдат на листата на санкции, Агелер рече дека стои зад кажаното, но посочи дека информациите треба да дојдат од Вашингтон.

„Јас не можам да дадам ниту временски рокови ниту број на лица кои би биле откриени. Постојат повеќе листи и постојат повеќе различни механизми во рамките на кои лицата за кои се верува дека се поврзани со корупција можат да бидат истражувани и санкционирани преку нашите (на САД) правни процеси на санкции“,посочи американската амбасадорка.