АВТОРКАТА НА ЗОКИ ПОКИ, ОЛИВЕРА НИКОЛОВА, ДОБИ ОРДЕН ЗА ЗАСЛУГИ НА 87 ГОДИНИ!

0
272
Претседателот Стево Пендаровски вчера им додели Орден за заслуги за Република Северна Македонија на седум значајни личности, творци од литературата, театарот, филмот и музиката.

На церемонијата на одликувања, Ордени им беа доделени на Благоја Чоревски, Слободан Унковски, Бедија Беговска, Ѓокица Лукаревски, Ристо Вртев и Рефет Абази, а пак Орденот на писателката Оливера Николова (87), претседателот и го однесе лично во нејзиниот дом, бидејќи била спречена да присуствува на настанот.

Инаку, Николова е една од најплодните македонски писателки, која работниот век го минала во Македонската Радио Телевизија, како уредник и драматург. Има издадено 19 книги за деца, помеѓу кои и култната ,,Зоки Поки”, 10 романи за возрасни, три книги со раскази, драмски текстови, сликовници, театарски и ТВ игри за деца и возрасни.Иако е во деветтата деценија од животот, Николова на претседателот му кажа дека добро се држи со оглед на возраста, а последното дело го објавила во 2019 година.

-И во доцна возраст, да кажам, творите, не се предавате. Дали пишувате нешто поново сега, ја праша Пендаровски, на што таа одговори: Многупати велам дека го затворам дуќанот, ама пак црвчето работи и така…Доделувајќи и го Орденот, тој истакна дека истиот претседателот на државата го дава на особено истакнати интелектуалци во различни области, и дека мисли како таа одамна требало да го добие.

-Со вашите дела растеа генерации и генерации деца. И сега да прашате која лектира ја имаш читано прва, сите кажуваат ,,Зоки Поки”- рече Пендаровски.

-Се чувствувам прилично почестено. Свесна сум дека сите овие работи се релативни, и пред малку спомнавме такво нешто, но времето докажува дали сме биле на прав пат.Во случајов мислам на многу луѓе што го заслужиле ова, а што во моментот не ги спомнуваме, би сакала со нив да ја споделиме оваа радост- изјави писателката, која е една од најнаградуваните во земјава.