Започна судскиот процес против Архиепископот Јован и останатите Епископи, свештеници, монаси и верници на Православната Охридска Архиепископија

0
911

После седуммесечно одлагање на закажуваните почетоци на судењето, денеска, во Основниот суд Скопје I, Скопје, започна политички монтираниот судски процес против Неговото Блаженство архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован, двајца епископи, свештеници, монаштво и верници на Православната Охридска архиепископија, соопшти ПОА.

„Бидејќи претресот веднаш беше исцрпен и процесот можеше да заврши во најскоро време, сепак, заради тенденциозно одолговлекување, Јавниот обвинител побара повторно сослушување на сведоците, кои инаку веќе беа сослушани во претходната постапка. Адвокатот на Архиепископот охридски г.г. Јован, му предочи на судот дека во одлуката на Врховниот суд, со која се укинува пресудата на Основниот суд и предметот се враќа на повторно судење, кристално јасно е запишано дека Врховниот суд воопшто не ги оспорува изјавите на сослушаните сведоци и дека всушност го повикува Основниот суд, врз основа на веќе постоечките изјави и докази, да ја преиспита својата одлука. Спротивно на препораките на Врховниот суд, Основниот суд, сепак, реши да го прифати барањето на Јавниот обвинител и следното рочиште го закажа дури за средината на март, продолжувајќи го на тој начин судскиот прогон врз верска основа насочен кон архиепископот охридски г.г. Јован, епископите, свештенството, монаштвото и верниците на ПОА“, се наведува во извештајот објавен на страницата на ПОА.

Оттаму истакнуваат дека во најголемиот број меѓународни извештаи, пословичното домашно судство останува една од причините за падот на Македонија, кога е во прашање нормалното функционирање на граѓанското општество. Состојбите со судството особено се нотирани и во извештајот на Прибе, како сегмент, во кој се потребни многу серизони реформи, коишто треба да одведат кон демократизација на нашето општество.