Македонски Телеком ќе ја исплати дивидендатa од 21,6 милиони евра на крајот на месецов

0
1320

Акционерите на Македонски Телеком АД – Скопје на 28 овој месец ќе ја добијат дивидендата за 2019 година, информира компанијата преку Македонска берза.

Одлуката за исплата на дивиденцата Собранието на акционери на Македонски Телеком ја донесе на крајот на јуни годинава.

Македонски Телеком за дивиденда годинава издвои вкупен бруто износ од 1.328.387.395 денари (околу 21,6 милиони евра) или бруто износ од 15,40 денари по акција во кои се вклучени сите даноци.

Лани Македонски Телеком оствари вкупна добивка од 27 милиони евра од која освен за дивиденда, според одлуката на акционерите дел ќе се инвестира.

Најголем акционер во компанијата е Дојче Телеком, кој поседува 51 отсто од акциите преку локалната компанија „Каменимост АД“. Македонската влада има удел од 34,8 отсто во капиталот на „Македонски телеком“. Дивиденда ќе добијат и малцинските акционери, кои во најголем дел се вработени и пензионери од телекомуникациската компанија, а кои поседуваат 2,54 отсто од капиталот. Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ поседува 1,64 отсто од акциите, а „Македонски телеком“ поседува и 10 отсто од сопствените акции.

Во последниве години, поради намалените приходи кои раководството ги објасни со острата конкуренција и ценовната војна, драстично опадна профитот на Телекомот, а со тоа и износот кој го добива Владата.