ЗБОГУМ WINRAR, НАСКОРО WINDOWS 11 СО ,,ВГРАДЕНА RAR” ПОДДРШКА

0
494

Веројатно не е изненадување што вештачката интелигенција е фокус на годинешната Microsoft Build конференцијата. Од надградби на плагините за вештачка интелигенција, до куп интеграции на AI Copilot во Windows 11, Microsoft 365, Edge… Една од ретките вести кои не се однесуваа на вештачка интелигенција е скорото додавањето на „native“ поддршка за RAR во Windows 11.

Покрај за RAR-архивите, поддршка за архивирање ќе биде достапна и за останатите формати, како tar, 7-zip, gz. За нив досега беа неопходни различни трети алатки. Форматите ќе бидат поддржани преку libarchive опен-сорс проектот. Ова значи дека конечно дојде време кога може да се збогуваме со WinRAR. Засега не е објавена точната дата кога новата функционалност ќе биде достапна на Windows 11. Секако до тогаш ќе продолжиме да користиме „трети“ алатки.

Што друго претстави Microsoft

Фокус на Microsoft на годинешниот Build беше вештачката интелигенција. Поточно, нов простор за користење на Copilot во различни сервиси на компанијата.

Windows Copilot

Copilot веќе е достапен на некои од сервисите на Microsoft, а асистентот наскоро пристига на Windows 11. Местото на асистентот во оперативниот систем ќе биде на „taskbar“-от, на слична локација на која беше и Кортана. Со притискање на копчето ќе се отвори прозорец во кој корисниците ќе може да поставуваат прашања.

Корисниците можат да поставуваат прашања слично како и кај ChatGPT. Во Windows корисникот ќе може директно од асистентот да направи промени на некои од сетирањата на компјутерот. На пример ако корисникот побара „Како да го променам Windows да работам поефикасно?“ ќе добие одговори како: започни „focus session“ или активирај „dark theme“. Заедно со препораките доаѓаат и копчиња за активирање на овие функционалности.

Она што можеби е поинтересно е што ќе постои и некаква автоматизација која ќе овозможи едноставни команди, на пример „Испрати ја сликата на дизајн тимот“.

Плагини за Microsoft 365

На Build дознавме и дека наскоро доаѓаат плагини на 365 Copilot. Засега има 3 видови плагини кои ќе бидат достапни. Екстензија за Teams пораки, Power Platform и алатки кои користат ChatGPT. Ќе бидат достапни и алатки од други компании како Atlassian и Adobe, пишува Verge.

365 Copilot ќе биде достапен и на Edge. Алатката е поставена во лентата од десна страна на прелистувачот и ќе биде активна за време на пребарувањето. Како и кај Copilot за Windows, корисникот може да издаде команда на едноставен јазик, а вештачката интелигенција ќе ја заврши задачата.

Асистентот може да се користи за сумирање на текстови, помош, но и за команди од типот „Испрати го извештајот до групата“.

Bing и ChatGPT ќе користат исти плагини

Microsoft најави дека е воведена интероперабилност помеѓу ChatGPT и Bing за плагини. Штом корисникот ги инсталира плагините на ChatGPT, автоматски се инсталираат и на Bing. Во текот на пребарувањето ако Bing „забележи“ дека има простор за употреба на некој од плагините, ќе го искористи. Истовремено ќе испрати и нотификација дека за одговорот е искористен плагинот.

Интересен е начинот на кој Bing функционира со овие плагини. На пример корисникот може да посети некоја страна на која има рецепта за готвење. Во Copilot може да побара од ChatGPT да креира листа производи кои треба да се купат. Вештачката интелигенција не само што може да креира листа, туку благодарение на некои од плагините, може и да ги порача овие производи.

Првите плагини кои ќе бидат достапни доаѓаат од Expedia, Instacart, Kayak, Klarna, Redfin, TripAdvisor, Zillow, OpenTable и Wolfram Alpha.

Извор : IT.MK