(ФОТО) СДК: Сашо Мијалков дојде на распит во судот!

0
1306

Поранешениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, пред малку дојде на распит во Основниот суд Скопје 1. Мијалков е еден од осомничените во случајот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство.

На прес-конференцијата на 28 септември, на која што беше презентиран „Трезор“, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење.

Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија. Управител на фирмата „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април оваа година.

СЈО за „Трезор“ побара од Судот притвор за едно осомничено лице, мерка претпазливост – одземање пасош за три лица и блокирање на сметката на правното лице „Финзи“. Прифатено беше само барањето за блокирање на сметката.

Не е познато зошто за овој случај повторно осомничените и СЈО се викнати кај судија на претходна постапка.

Во исто време се одржува и рочиште за кумановско Диво насеље и околу судскиот комплекс има силно полициско обезбедување, па на новинарите им е ограничен просторот за движење и тие ги чекаат осомничените пред главниот влез.

Извор : САКАМДАКАЖАМ