Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Брисел на протест против мерките на штедењето кои ги спроведе владата на десниот центар на премиерот Шарл Мишел во првата година од мандатот.
Трите главни белгиски синдикати се здружија во заедничка платформа во која ја обвинуваат владата дека ги промовира големите компании на штета на работниците.
Синдикатите посебно се жалат на замрзнување на врската помеѓу инфлацијата и платите, кревање на старосната граница за пензија, намалување на социјалните додатоци и зголемување на даноците, кои според нивно мислење, на нефер начин ги фаворизираат работодавачите.
Според наводите на полицијата, на улиците на Брисел излегле околу 80.000 лица, додека организаторите на протестите проценуваат дека имало околу 100.000 лица.