Прилеп чествува и се сеќава на 10 загинати бранители на Карпалак

0
1046

Прилеп денеска со огромна почит и болка чествуваше и се сеќаваше на 10-те загинати бранители, свои сограѓани. Прилеп и Северна Македонија се сеќава на: Сашо Кутаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп, семејствата, бројните делегации се поклонија и им оддадоа почит на загинатите 18 години потоа.

Трагичниот настан кај Карпалак ја потресе целата земја и остави длабоки траги во нашата меморија.Тие беа и остануваат херои на оваа земја и нивната жртва и саможртва да бидат пример како се сака, се почитува и се брани татковината, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска при денешното централно чествување пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп.

-Во името на Владата и на Министерството за одбрана сакам да оддадам почит за сето она што вашите татковци, синови, колеги и сограѓани-прилепчани го направија за нашата земја. Почит за Сашо, Нане, Бранко, за Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце и нивната храброст и пожртвуваност. Тие беа и остануваат херои на оваа земја. Нивните дела, начинот на кој дадоа сѐ, вклучително и нивниот живот, треба да ни бидат пример како се сака, како се почитува и како се брани татковината. Ќе ги цениме нивната храброст и пожртвуваност. Овие 10 бранители платија највисока цена во еден од најтешките мигови кога нашата земја се најде на крстопат и стоеше помеѓу војната и мирот.  Се соочивме со трагедија која нанесе многу болка, но и не научи дека мирот, стабилноста и безбедноста немаат цена. Нашата држава се менува во некои работи, во некои сакаме да се менува и побрзо, но една работа останува иста: сеќавањата на овие темни, но и славни моменти кога вашите и наши сограѓани покажаа дека некои работи се над сѐ, истакна министерката за одбрана.

Според Шеќеринска, овој дел од историјата ќе остане во нашата меморија и оваа храброст мора да се памети.

-Денес, како никогаш досега, оваа нивна жртва и саможртва покажуваат колку на сите нам мора да ни бидат важни мирот и стабилноста и дека ништо нема цена ако не успееме да донесеме стабилност и безбедност на сите наши сограѓани. Денес дојдовме во фаза за која велиме дека НАТО и ЕУ ни требаат и за да ни обезбедат поголема безбедност, стабилност. Но, и ние со нашите домашни однесувања и политики тоа треба да им го гарантираме на сите. Прилеп беше ранет во 2001 година, но успеа да се издигне над болката. Градот херој изнедри нови херои. нека им е вечна слава, рече Шеќеринска.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека секое одбележување на овој тажен 8 август боли сеќавањето за загубата на напшите 10 сограѓани и порача дека болката на семејствата е и наша болка, а нивната храброст треба да биде поттик да се сеќаваме и да ги решаваме недоразбирањата со дијалог.

– Како лојални и чесни граѓани, ги положија своите животи за одбрана на татковината. Херојскиот придонес на 10-те бранители од прилепската касарна во одбраната на татковината вечно ќе се памети, а нивните имиња ќе останата во новата македонска историја. Во овие мигодви на тага и сеќавања на семејствата, сакам да знаете дека вашата болка е и наша болка. Верувам дека ви дава барем малку утеха тоа што нивното херојство и пожртвуваноста не прават горди. Пред овој споменик за нивното херојство, заедно да застанеме на страната на иднината против сите несреќи кој со себе ги носи воениот конфликт. Карпалак е вечно сеќавање за нашите храбри херои кое треба да ни биде како поттик сите заедно, обединети и сплотени, без оглед на разликите да ја чуваме и да ја сакаме нашата држава. Оваа колективна жртва на Прилеп нека биде опомена и порака сите недоразбирања да ги решаваме со дијалог, рече Јованоски.

Свежи цвеќиња пред споменикот Карпалак положија и делегации на Претстедателот на државата, на АРМ и генералштабот, на Собранието, на здруженијата, институциите, партиите и здруженија на граѓани.

Изутрината беа посетени и вечните почивалишта на 10-те прилепски бранители на Гробиштата во Прилеп и во населените места.