Очај во ВМРО-ДПМНЕ, расте презирот, нема веќе страв од лидерот, туку од предавства

0
975

Извори во ВМРО-ДПМНЕ, кои не се засегнати со постапките на СЈО, велат дека и покрај обидите на раководството се да изгледа нормално, дека имиџот и рејтингот на партијата не се загрозени, дека не треба да се потклекува и да се покажува малодушност, реалната слика е сосема поинаква, пишува Дојче веле.

„Членството е во очај. Но, тоа јавно не смеат да го покажат. На средби со лица од Извршниот комитет или од Владата, го говорат тоа што функционерите сакаат да го слушнат, затоа што им е речено е дека сега треба да се форсира победнички дух, непопустливост, да не се покажува ни трошка слабост, и дека партијата гледа кој како се однесува во овие тешки моменти. И сега сите глумат. Но, реално, состојбата е очајна. Огромен дел се разочарани од начинот на кој врвот се богател во име на народот и од неговите пари. Ретко кој е подготвен понатаму да ја брани политиката на оваа партија, освен оние кои мора да се штитат заедно, заради криминалот. Луѓето се кријат на разни можни начини за да избегнат да одат по налог на контрапротести или на јалови партиски средби. Го нема оној страв од лидерот и од најтесниот круг околу него, како претходно. Таа приказна умре. Расте презирот“, велат партиски извори за Дојче веле.

Според нив, ситуацијата не е поразлична и во „централата“, каде засега доминира стравот дека некој може да го напушти „кругот“. Во игра биле дискретни, но темелни контроли на лојалноста и однесувањето на членови на највисоките партиски тела и на пратениците. Се надгледувал степенот на изразен личен ангажман, нивната загриженост за состојбите, степенот на отпор кон притисоци, фреквенцијата на телефонски јавувања во партијата или кај шефот, нивното движење и контакти. Но, и покрај тоа што централата сметала дека ја контролира состојбата, имало индиции дека дел од надгледуваните „го преиспитале својот став и не биле подготвени и натаму да бранат нешто што не може да се брани, а тоа планирале да го соопштат таму каде што треба, пред оние од кого се избрани.“