Пласирање на идеите за одржување лидерска средба, како начин за деблокада на институциите на системот и за излез од политичката криза, е неприфатливо и непотребно затоа што седнувањето на маса со криминалци ќе значи враќање на состојбите во државата од пред две години, дури и пoлошо од тоа, велат од НСДП.
Од партијата посочуваат дека смислата и целта на политичките преговори што се одвиваа во Пржино беше излезот од политичката криза да го дадат предвремени парламентарни избори и дека тоа е постигнато.
„Тоа што резултатите не му се допаѓаат на Никола Груевски е негов личен проблем и не може да биде проблем на целата држава. Од перспектива на демократските вредности и уставните норми, ситуацијата е јасна, формирано е ново и легитимно парламентарно мнозинство, кое треба да биде преточно во извршна власт. Оваа ситуација не може и не смее да биде предмет на какви било преговори, затоа што на тој начин ќе се доведе во прашање и волјата на мнозинство граѓани што значи дополнителен удар врз деморкатските темели и вредности“, стои во соопштението од партијата.
„Однесувањето на лидерот на ДУИ и неговото барање за лидерска средба, дополнително е неразбирливо во ситуација кога меѓународната заедница тежиштето на излезот од политичката ситуација го става кај нас, кај внатрешните политички фактори и нашата лична политичка одговорност за идинината на државата… Незрело и политички интенционално би било префрлање на политичкото тежиште од Собранието на нова лидерска средба“, нагласуваат од НСДП.