Коцијанчиќ: Одлуката за помилување на Иванов создава клима на неказнивост и го поткопува владеењето на правото

0
896

Ние сме сериозно загрижени од одлуката на претседателот Иванов да помилува голем број функционери и политичари кои се предмет на кривични истраги, изјави портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ на прес – конференција во Брисел.

Таа рече дека одлуката на Иванов ризикува да создаде клима на неказнивост, дека го поткопува владеењето на правото и напорите на земјата и на меѓународната заедница кои траат години, и дека тоа може да ја влоши постоечката политичка криза.

„Одлуката исто така ја поткопува важната работа на тимот на Специјалното јавно обвинителство, кое беше воспоставено како дел од Договорот од Пржино, за да ги истражи системски проблеми кои беа објавени минатата година. Работата на Специјалното јавно обвинителство мора да продолжи и како што кажавме во изминатите денови, овие акции ја загрозуваат евроатланската иднина на земјата.“

Таа посочи дека Европската Комисија ги повикува сите политички партии да се вратат на преговарачка маса, бидејќи тоа е нивна одговорност и да продолжат со многу потребните напори да ја извадат земјата надвор од моменталната политичка криза.

Во однос на протестите и насилството, Коцијанчиќ истакна дека „секое насилство во такви ситуации е неприфатливо.“

Извор: РСЕ