КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА : Трајковски само одработи по нарачка на Осомниченото лице Груевски

0
1136

Почитувани, Комитетот за заштита на правата е згрозен, но воопшто не е изненаден од обидите за девалвирање на Специјалното јавно обвинителство од страна на Осомниченото лице Никола Груевски и неговите послушници.

Во последниов период се изнаслушавме на повици за презумпција на невиност, за почитување на човекови права и правата на осомничените. Како лица кои директно ги почувствувавме најсвирепите механизми и газење на човековите права токму од оваа власт со нивните послушници, можеме да им порачаме дека токму тие ги скршија сите стандарди за владеење на правото. Заради задоволување на суетата на осомничениот Груевски, се апсеа луѓе на насилен начин, се држеа во кал и снег со саати на земја, со кучиња се влегуваше во постели на деца, се кршеа врати и домашен инвентар. По нарачка на Груевски се апсеа невини и се држеа во притвор. За да се задоволи неговата желба за одмазда се држеа луѓе со месеци во притвор. Во моментов во притворите низ Македонија гнијат околу 400 лица. Повеќе од половината од нив се држат без никаква потреба од притвор.

Фактот што Тони Трајановски бара дуел со Катица Јанева, е директно мешање во работата и притисок врз СЈО, а циркузантската пресконференција пред судот, од страна на осомниченото лице Никола Груевски е директно рушење на договорот од Пржино.

Се согласуваме дека македонското правосудство го допре дното и дека стандардите од многу одамна се под нула,  дека треба да се разговара и дека се потребни дебати.

Од тие причини јавно ги повикуваме на ТВ дуели двоецот Марко Зврлевски и Јован Илиевски од една страна, а од страна на комитетот ќе учествуваат Валентин Зафиров од Велес, и Ване Цветанов.

Прифаќаме дуелите да се одржат по нивни избор, кој со кого тие ќе одберат, на која телевизија тие ќе одлучат, и со кој водител тие ќе одберат, а особено задоволство за нас ќе биде и Латас на помош да го повикаат ако им треба.

Или нека прифатат дуели со нас, или нека го остават СЈО на мира да си ја работи својата работа.

 

 

Со почит,

 

Центар за комуникации

Комитет за заштита на правата