Како што се наведува во соопштението од владата, на средбата било заклучено дека соработката со оваа компанија ќе се продлабочува во процесите на дигитална трансформација и обезбедување на сајбер безбедност.
Премиерот Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски и претседателот на Националниот совет за ИКТ во Владата на Република Македонија, Владимир Цветковиќ, денеска остварија средба со генералната менаџерка на Мајкрософт за 24 земји од Централна и Источна Европа, Анке ден Ауден, информираат од владата на Република Македонија.
„Со нашето зачленување во НАТО се зголемува потребата, но и наша обврска е да работиме на зголемување на безбедноста и сигурноста на сајбер просторот. Во тој процес исклучително важна е помошта што Мајкрософт како водечка ИТ компанија во светски рамки може да и ја пружи на Република Македонија“ порача премиерот Заев.
На средбата се разговарало и за изготвување на заедничка платформа којашто ќе опфаќа соработка на повеќе полиња, а целта што треба да се постигне е граѓаните да почувствуваат директни придобивки од дигитализацијата на одредени процеси и услуги, стои во соопштението.