Милијарда евра провизија

0
1550

Милијарда евра провизија (или „донација“ како што последно време се форсира во провладините медиуми) е сон на секој корумпиран политичар. За тоа не треба да полагаш матурски испит по математика и да знаеш дека милијарда е повеќе од милион. За милиони провизија треба да договориш на пр. изградба на автопат, а за милијарда? Е за милијарда треба да договориш изградба на НУКЛЕАРНА ЦЕНТРАЛА!

Cernovil-1024x768

Во секоја држава постои таканаречено „нуклеарно лоби“. Дел од тоа друштво се научници, визионери кои иднината ја гледаат во развојот на таа технологија, а другиот дел се политичари кои тука ја гледаат можноста за дебела провизија. Пардон, донација. Кога ќе се согледа состојбата во нашата држава, овие вториве натежнуваат. Верувајте, воопшто не е наивна работата. Ако до пред извесно време, до „пукањето“ на битолската бомба, мислевме дека такво нешто не е можно, сега гледаме, слушаме, дека дечките си работеле. Е сега, работеле тајно, ама бидејќи вистината е како шило, излезе на површина.

Пред извесно време го читав Законот за градење и се чуудев зошто во него е спомната нуклеарна централа како градба од прва категорија (чл.57)? Тој податок ме зачуди и почнав да „копам“. Испадна дека таквата намера е утврдена со „Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија во периодот 2008-2020 со визија до 2030“. За операционализација на таквата идеа преземени се повеќе мерки, измени на закони, подзаконски акти, донесување на Закон за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија, донесен на 31 Август 2010, веројатно како роденденски подарок на капо ди тути капи попознат и како сопственик на плацеви на Водно, на половина Македонија и сл.

Пред некоја година се шушна за Белене, новата нуклеарка во Бугарија. При тоа нашите власти не знаеја што да прават: учествуваме, не учествуваме, ќе видиме… Зошто? Само заради едно, а тоа е што во таков случај нема да има провизија!

А кога сме кај Бугарите, ги почитувам заради науката, заради култот што го негуваат кон неа и кон книгата воопшто. Незнам помала држава што има нуклеарна централа, што има научно истражувачка база на Антарктикот, држава во која книгите за информатика кои во САД се објавени во петок, во понеделник може да се купат на плоштадот „Славејков“ во Софија, се разбира преведени на бугарски. Ги почитувам затоа што имааат одлична научно истражувачка основа на која се темели модерната наука и технологија.

Некој ќе рече, а Словенија и Хрватска со нуклеарната централа „Кршко“? „Кршко“ се правеше во поранешна Југославија, држава со 22 милиони луѓе и со два врвни института: „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб и „Винча“ во Белград, кои пред изградбата на Кршко работеа повеќе од 30 години, имаа експериментални реактори и произведоа стручен кадар за работа во нуклеарка.

Каде сме ние, кутрите, во приказната за нашата нуклеарка? Кој би работел во неа? Партиски војници од списочињата на Мартин и Гордана? Треба знаење, треба одговорност! Ние тоа го немаме! Врвните 200 инженери и техничари ќе се донесат од странство, некој ќе рече. Во ред. Ама каде е локацијата со многу вода која ќе може да ја лади централата? Вардар е поточе за потребите на нуклеарна централа. Чаре?

Е, тука доаѓаме до фамозниот „Чебрен“. „Чебрен“ кој како хидроцентрала и огромно вештачко езеро никако да се направи. Зошто пропаднаа еден куп тендери за негова изградба? Теоретичарите на заговор би рекле бидејќи е поврзан со нуклеарката. Како? Ако се изградеше можеби немаше да има потреба за нуклеарка, или барем че беше поголем отпорот за изградба на истата.

Нуклеарната централа чини многу пари, неколку милијарди, пари што Македонија ги нема, освен можеби фамилијата на власт. Логички, пари немаме, стручњаци ич, што имаме? Земја! Значи со туѓи пари ќе се направи, други ќе бидат газди, туѓи луѓе ќе работат, профитот од продажбата на струјата исто така ќе го собираат странци. Тогаш што ќе има за нас? Ништо, ако не ја сметаме провизијата или „донацијата“.

Има уште нешто, не помалку важно: нуклеарниот отпад! Е сега, тоа би било, со економски речник кажано, екстра профит за мешетарите. Отпадот обично се складира во рудници од каде се експлоатирала камена сол (во Македонија ги нема), или во рудници од каде се експлоатирало олово (кои ги има во Македонија). За складирањето дебело се наплаќа, а како што овие „нашите“ се лакоми, можат да понудат складирање на нуклеарен отпад од цела Европа, како директни странски инвестиции, де!

Во следните илјадници години оваа сирота земја секогаш ќе биде под опасност од нуклеарен инцидент, од нуклеарна централа, или од складирање на нуклеарен отпад. Ама затоа секогаш ќе има и богати, како фамилијата, кои одовде би можеле да заминат било каде. Ако овој мој народ не смогне сила на овие изроди да им рече НЕ, тогаш што да се прави? Да се замине? Да ставиме крај на родот стар, да не речам антички? Затоа сите Македонци, сите вистински патриоти и вмровци треба да се исправат и да ја решат дилемата: дали е подобро ужасен крај или ужас без крај?

Илија Темелковски