Заев за Дојче Веле: Груевски ќе се обидува да ги избегне обврските од Пржино но нема да му биде дозволено

0
1559

– Груевски ќе се обидува на разни начини дa ја избегне реализацијата на преземените обврски. Но, тоа ние нема да му го дозволиме, ниту ќе му го дозволат меѓународните гаранти на договорот, вели лидерот на СДСМ – вели во интервју за Радио Дојче Веле лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

018335712_30300-540x304

На 1 септември опозициските пратеници ќе се вратат во Собранието, како што е предвидено со Договорот од 2 јуни, а за неколку дена ќе продолжат и активностите на работната група кои беа прекинати заради летниот одмор. Пред власта и опозицијата во наредниот период стојат многу обврски со прецизно наведени рокови. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, во разговор за Дојче веле, зборува какви се неговите очекувања за целосна и навремена реализација на Договорот и кои се можните пречки на тој пат.

Ви пренесуваме дел од интервјуто со Заев.

ДВ: Од 17 август ќе продолжи со работа т.н. работна група, која во претходниот период имаше средби, но не и поконкретни резултати. Има ли досега воопшто некаков напредок и во која сфера?

– Генерално, се уште е рано да се каже каде има поголем, а каде помал напредок. Но, има доволно време за напредок по сите точки кои се приоритет во преговорите, а се однесуваат на Избирачкиот список, Изборниот законик, изборот на специјален обвинител и медиумите. Очекувам многу брзо по 17 август да се дефинира начинот за прочистување на Избирачкиот список. Наш предлог е тоа да се реализира со активна регистрација на гласачите, односно да се создаде целосно нов список наместо да се чисти постојниот. Исто така, не само според важноста, туку и според поставениот рок, приоритет за решавање е прашањето за специјалниот обвинител.

ДВ: Засега на различен начин се толкува значењето на предвидената „целосна автономија“ на специјалниот обвинител, односно дали тој ќе функционира самостојно или под „капата“ на сегашниот државен јавен обвинител. Расчистено ли е ова прашање меѓу потписниците на Договорот?

– Целосната автономија е предвидена со Договорот и не може двојбено да се разгледува. Тоа значи дека специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен во одлучувањето. Тоа значи дека треба да има тим кој ќе работи на предметите со него, да има целосна самостојност во изборот на инспектори во Истражниот центар и да има финансиска независност и техничка опременост за непречено функционирање. Нема тука посебна „филозофија“, која би била причина за дебата или недоразбирања. За таа цел, прв неопходен чекор е донесување нов закон или измена на постојниот, со што ќе се гарантира таа автономија. Ние имаме разработено два вида измени и дополнувања на законот и еден нов предлог закон. Очекуваме и власта да даде предлози со оглед дека има повеќе ресурси, со цел да биде олеснето донесувањето на конечното правно решение кое ќе обезбеди целосна автономија на специјалниот обвинител.

ДВ: Имате ли кадровски предлози за оваа функција?

– Чекаме прво на донесување на законот. За да разговараме со некого, прво треба да знаеме за што формално-правно зборуваме. Истото важи гледано и од другата страна: кога јас би бил заинтересиран кандидат за таа функција, би почекал прво да се донесе законот, па потоа би донел одлука дали да се кандидирам. Тоа е единствената логична постапка за ваква сериозна функција.

Целото интервју со опозицискиот лидер Зоран Заев прочитајте го тука