(ВИДЕО)Сашо Орданоски: Груевски платил 1,7 милиони долари за средба со американскиот потпретседател!

0
1259

Трет дел од излагањето на д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар, на експертската панел-дискусија на тема „Плурализмот и политичката криза“, одржана на 17 март 2016.

„Груевски платил 1,7 милиони долари за средба со американскиот потпретседател, а институциите задолжени да спречуваат коруптивни активности не реагираат“, изјави Орданоски на дискусијата.

По повод одлуката на Уставен суд, тој потенцира дека „постои флагрантен, епски судир на интереси, Претседателот треба да аболира за сопствениот, евентуално, злосторнички изведен процес на избори, тоа мислам дека не може да заврши добро“.

Настанот беше дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

„Ние живееме во земја во која што е длабоко, темелно поткопана довербата и позицијата на институциите. Кога институциите коишто се претставнички не функционираат, а тоа не само што ќе го видите во анкетите со години нананазад, туку, де факто не функционираат, тогаш имате голем проблем. Тогаш, прашањето за тоа каде е одговорноста, е политички дејствително прашање, бидејќи ако е одговорноста во институциите, има институционален пат како таа одговорност се истерува. Ако одговорноста се измести во цивилното општество, или како што вие велите кај плебсот, тогаш, се плашам дека сите одговори нема да одат низ институциите. Некои одговори ќе се прелејат надвор од институциите. На пример, недвојбено беше констатирано дека за состанокот на г. Груевски кај американскиот потпретседател, се платени – барем според тоа што е објавено како недвојбен факт – 1,7 милиони долари. Иако некои извори велат дека таа сума достигнува и до 3 милиони, сепак, тоа се – 1,7 милиони долари потпишани во договори од сегашниот технички премиер.

Вие имате во државата, најмалку пет, а можеби и десет институции, коишто се задолжени, по службена должност, да испитаат од каде се тие пари. Значи, од обвинителството, преку агенции за перење пари, финансиски полиции, државна антикорупциска комисија… Имате најмалку пет закони во кои тој тип на финансирање е санкциониран и каде што по службена должност, не само по допрен глас, што е законска обврска, туку и по службена должност – по некаква професионалност и совест, некој од овие пет институции мораше да чукне на вратата на ВМРО ДПМНЕ и да праша: „Многу убаво, браво, сте си виделе легитимно лобирање, сé е во ред, но од каде ви се 1,7 милиони долари“? Тоа е пара, тоа и во Вашингтон е голема пара, а не во Македонија. Вие имате апсолутно изостанување на било каква реакција од официјалните институции, и сега што правиме? Внимавајте, тоа повлекува за првите луѓе од тие институции кривична одговорност, значи претпоставка е дека еден ден, кога ќе профункционира правната држава во Република Македонија, можеби ќе биде и второстепено важно да видиме од каде му се парите на ВМРО. Ќе биде поважно да видиме зошто Јавниот обвинител не отворил постапка за тоа, зошто државната антикорупциска комисија не отворила постапка, или ако отворила, а ние не знаеме, бидејќи ова е многу важна тема за општеството – би требало да знаеме. Во таква ситуација, кога немате никаква доверба кон институциите, потоа доаѓаме во ситуација да можеме да дискутираме за неинституционално решавање на проблемите што е една многу опасна, рискантна и неизвесна фаза во која што влегува Македонија.

Навистина се поставува прашање, има ли смисла да се оди на избори на на 5 јуни кога Уставниот суд штотуку дозволи аболиција за суштината на демократијата во Македонија, за местење избори. Јас, на пример, не верувам, јас не сакам сам да кажувам одговор на тоа прашање, меѓутоа, тоа значи дека практично, пораката е јасна: за два месеца, ако излеземе на избори на 5 јуни – не се секирајте, местете избори! Претседателот е тука. Претседателот кој инаку е странка во спорот, бидејќи се работи за кривични одговорности, за осомничени луѓе и за неговиот избор, тој е биран во исти време кога се местени парламентарните избори. И сега, имате таков флагрантен, епски судир на интереси, Претседателот треба да аболира за сопствениот, евентуално, злосторнички изведен процес на избори, тоа мислам дека не може да заврши добро“.

Извор: Цивил медиа