Вечер и Сител го обвинија Ванхојте за пуч

0
1288

По денешниот брифинг, на кој Питер Ванхојте јавно посочи кој ги кочи преговорите, тој е изложен на дивјачки напад од таблоидот Вечер, Сител, Нет прес и другите медиуми што ги координира Центарот за комуникации на Груевски.

Со пропагaндните методи што ги користат веќе десет години за сатанизирање на опозицијата, и на секој што не мисли како нив, тие денес го обвинија јавно Питер Ванхојте дека „го урива уставниот поредок на Македонија„ или со други зборови за учество во Пуч.

„Вечер„ својот обвинителен акт кон Ванхојте го донесува под наслов: Белгиецот Ванхојте денес ги укина државата и уставните институции. Тој е царот Леополд!.(асоцирајќи на белгискиот Цар кој правел масакри во Конго)

Во текстот, Груевски преку своите познати мегафони и соопштува на јавноста дека:
-Дипломатот од Брисел Ванхојте, кој немал никаква официјална дипломатска функција, денес и соопштил на македонската јавноста дека има намера да ја укине македонската држава.

-Негова цел не била уривање на ВМРО ДПМНЕ ниту на Никола Груевски, туку директно уривање на клучните македонски институции ( под нивна контрола, заб. моја),

-тој барал да се укине надлежноста на Уставниот суд и на јавното обвинителство.

-барал да се укине правото на одлука и мислење на Собранието.

-барал да се укине правото на приватност

-Барал да се укине забраната за прислушување и објавување на прислушуваните материјали

-тој решил да нема избори во април ако не му се исполнат условите (или со други зборови уценувал)

-тој гласно се заканил дека ако не се потпише тоа што го бара тој, Македонија ќе влезела во безбедносна криза!!! (која веројатно тој ќе ја креирал)

Врз основа на сите овие констатации, весникот кој „прв дознава„ се од Груевски заклучува дека: „ Во Македонија имало разни ситуации и разни дипломати ( веројатно од САД и од ЕУ) кои и го укинале уставното име во 1995. година, или правото на одбрана 2001,година, но, немало никогаш до сега како овој Ванхојте, некој, кој толку насилно и директно најавил укинување на македонските институции и држава со закана за безбедносни немири и војна.

Овој текст, кој изгледа како оние што на времето се пишуваа во кабинетот на Слободан Милошевиќ е целосно прераскажан на ТВ Сител, и на другите провладини медиуми, но таму е дополнет и со оцрнување на личноста на Ванхојте, според моделот кој владините пропагандисти го применуваат кон сите политички неистомисленици во земјава.

Нетпрес и Сител го обвинуваат Ванхојте за неуспех, за неспсобност, неквалификуваност па и за алчност.

-Тие пишуваат дека неговата работа во декември 2012, година завршила со целосен дебакл околу формирањето на анкетната комисија за настаните од црниот понеделник, а од летово се „доселил„ во Македонија

– Пишуваат дека „Ванхојте се продава како експерт за правни прашања, за закони, за безбедност, за медиуми и за демократија„, а станувало збор за поранешен новинар кој дипломирал филозофија и религија на Универзитетот во Лувен, соработувал со центарот за меѓународен развој „Рокфелер„ на Универзитетот во Њујорк, а својата експертиза ја „продавал„ главно во Косово, Непал, Грузија, Црна Гора и во Србија каде ги јакнел капацитетите на тамошните парламенти и на парламентарните служби.

На крајот, за целосно дискредитирање на Ванхоте, овие медиуми наведуваат дека „според информации да кои тие дошле од дипломатски извори, Ванхојте за своите услуги заработувал по 900 евра на ден„, или со други зборови тој е „платеник„ на Западот.

Пропагандата на Груевски, по денешниот брифинг на Ванхојте, почна да го прикажува Ванхојте како „соработник на СДСМ„ како „учесник во пучот што го подготвувал Заев„ и најавува барање за негова смена, но и објавува дека ,доколку пропаднеле преговорите, нормално заради „неконструктивноста„ на СДСМ и пристрасноста на Ванхојте, ВМРО ДПМНЕ била подготвена за сите опции за активности и дејства предвидени со законите и Уставот, ( кои веројатно веќе се испробани врз Заев ,Верушевски и на другите обвинети во „Пуч„.

Но. Секое зло за добро. Овој дивјачки напад врз белгискиот дипломат веројатно ќе покаже, на што беше изложена македонската опозиција сите овие години за време на власта на Груевски, како неговиот режим се пресметува со своите неистомисленици и зошто мора да се менува.

Фејсбук статус на професор Ѓорѓи Спасов