ФРОДЕМ: Расветлување на мувлосаните барокни подруми на политичкото подземје

0
923

Соопштение на ФРОДЕМ:

ФРОДЕМ изразува сериозна загриженост околу вистинската искреност и кадарност на 4-те парламентарни партии да изнајдат излез од тешката политичка, уставна, социјална, економска и безбедносна криза. Може страници и страници да се испишат како доказ и пример за ова наше тврдење. Впрочем, да биле како што треба овие клучни партии немало да ја доведат земјата на ова дереџе. Се разбира во деструктивноста и криминалот предничи криминализираната врхушка на ДПМНЕ заедно со својот пајташ ДУИ!

Јавна тајна е дека народот е заложник на неспособноста на овие четири партии да ја внесат Р. Македонија во нормалниот цивилизиран свет. Своја вина сносат и оние граѓаните кои пасивно им се препуштија на криминалците, затскриени зад политички партии и полициски значки. Македонија е изморена и нема јуначки капацитет да ги решава своите наталожени проблеми. Затоа проблемите се решаваат со тегавење, безочномеѓусебно обвинување и влечење на цела земја кон амбисот!

ФРОДЕМ смета дека недостатоците во „Пржинскиот“ договор произлегуваат од фактот што договорот е базиран на вољата на 4-те политички партии и затоа тој и понатаму ќе остане значително внатрешно конфронтирачки фактор, без оглед на тежината на  „меѓународниот пакет“ и гаранциите. За елиминација на овој недостаток потребно е вклучување на  „5-ти елемент“ кој би го претставувал граѓанскиот, професионален и експерстки потенцијал на земјата. Ако ваков потенцијал немаме и доколку се зависи од партиите, Господ нека ни е на помош!?

Четирите партии кои сеуште живеат на стара слава, практично не можат многу да договорат. Сите сме свесни дека доколку се договорат лидерите самите себе си ќе си пресудат. Единствената работа која можат да ја договорат е со помош на ЕУ и САД да дадат мандат и овластување некој трет да започне да го решава овој тежок, „ќор сокак“. Тој трет фактор односно субјект треба да биде експертско-технократска влада која ќе биде ефективна и ефикасна доработка на постојната влада. Овие партии треба да прифатат строги санкции и одговорност за секој акт на кршење на договореното, опструирање на работата и неприродното двојство на функциите!

Според ФРОДЕМ, експертско-техничката влада во рок од најмалку една година треба да реализира три суштински работи: 1). враќање на правната и финансиска стабилност и украдените пари; 2). брз влез во НАТО и ЕУ, и 3). брза департизација на институциите која вклучува и почеток на процес на помирување.

Во целото ова транзициско-криминално сивило треба да се одаде признание на „Вистината за Македонија“ која направи сериозен обид да ги расветли мувлосаните барокни подруми на политичкото подземје. Сепак, поради тактизирање и спорост и овој зафат може да го изеде „забот на времето“ и бандитската пропаганада! Ја поздравуваме „Шарената револуција“ како автентичен глас на граѓаните кој треба да биде дежурен коректив на сите обиди преку забошотувања и политички трикови и тактики да се суспендира правото и демократијата.

На крајот, ФРОДЕМ ги моли помалите „пајтон партии“ да не се додворуваат на озлогласената четворка, затоа што и онака нема ништо да добијат во експертско-техничката влада!

05.05.2016. Скопје ФРОДЕМ – ФРОНТ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА