БАРДОВЦИ ДА СЕ СПРЕМА ПОЛЕКА – Груевски: Јас еден ден ќе се вратам!

0
1365

Бегалецот Никола Груевски во вечерашното интервју на Сител, рече дека азилот во Унгарија го добил поради политички прогон.

-Пред повеќе од речиси два месеци имам азил, поради политички прогон. Властите тука утврдија дека постојат доволно докази, постојат повеќе причини, за политички прогон, рече Груевски, кој на прашањето дали користи обезбедување, рече дека нема потреба, бидејќи имал многу пријатели во Унгарија.

Тој ги негираше информациите во јавноста дека престојувал во скап хотел, каде се плаќало над 1000 евра од вечер.

-Првите ден два бев во хотел, потоа ми беше помогнато од пријатели, бев поканет кај нив. Засега не сум почнал ништо да работам, имам многу состаноци, движење.. Имам и многу посети од Македонија, рече Груевски, кој истакна дека со луѓе од власта нема контакт, како и со никој од раководството на партијата, но се сретнува со други пријатели од партијата.

На прашањето како успеал да му избега на неговото полициско обезбедување, Груевски рече:

-Јас имав полициско обезбедување кога се движам, но немав 24-часовно обезбедување. Имало денови кога сум останувал дома, истакна Груевски.

Тој призна дека рекол дека ако треба тој ќе се жртвува и ќе влезе во затвор, но додаде дека потоа слушнал за планот да биде ликвидиран во затворот.

-Јас најпрвин бев со намера доколку власта оди до крај, да влезам во затвор. Иако неправедно, иако со тотално луди пресуди, но во последните денови добив информации за планирана ликвидација во затворот. Тогаш почнав да размислувам да заминам, а конечната одлука беше на самиот крај. Од лица кои беа добро информирани за состојбите внатре од затворот ги добив информациите за ликвидацијата. Не можам да го кажам јавно кој ми ја спремал ликвидацијата, зошто не можам тоа да го докажам, вели Груевски.

Унгарија ја одбрал како што рече бидејќи проценил дека станува збор за земја членка на Унијата, која има независни институции… Сепак вели дека немал контакт со Виктор Орбан.

-Немав контакт со Орбан пред да избегам, ниту тука не сум разговарал со Орбан, вели Груевски.

Потоа најави дека сепак ќе се врати во Македонија.

-Јас еден ден ќе се вратам. Не сум дојден тука да живеам, туку да се засолнам од политичкиот прогон на власта. Јас сум неправедно осуден, заклучи Груевски.