ШОКАНТНО ОТКРИТИЕ НА ПЕТАР ГОШЕВ: За новата обврзница од 500 милиони евра ќе платиме камата од 250 милиони евра!

0
6232

Дел од колумната на екс гувернерот Петар Гошев во Окно.мк:

Долго време зборуваме за неодговорното задолжување на земјата што го вршат Кумот и Кумашинот, со благослов на Парламентот. Досега нема фајде: „самосвесните“, „полусвесните“ и „несвесните“ лудаци (зборот „лудаци“, како што знаете, е позајмен) продолжуваат. Поаѓајќи од обемот, намената на заемите, како и од фактите за лично богатење, целта не им е да ја развијат Македонија, туку: да ја задржат власта за да го продолжат личното богатење колку може подолго; да ја „преработат“ историјата; и да го коригираат националниот идентитет. Годишните инкременти на кумулираниот долг стануваат сè поголеми. Минатата година, покрај другите кредитни линии, ја издадоа најголемата по износ евро-обврзница – 500 милиони евра.

По тој повод, „самосвесниот“ лудак, во функција на министер за финансии, одржа прес-конференција и бесрамно се фалеше како „евтино“ нè задолжил – „успеал“ да „добие“ камата од „само“ 3,975%. А вистината е следната: издадоа евро-обврзница од 500 милиони евра. На име на „премија за ризик“ веднаш ни задржаа околу 32 милиони евра, кои се вкаматуваат (во полза на купувачот на обврзницата) за целиот седумгодишен период на доспевање на евро-обврзницата. Тоа значи дека нè задолжија за 500 милиони, а примивме 468 милиони евра. На тој начин, заедно со вкаматената премија за ризик, ефективната камата на тие 500 милиони евра долг не изнесува 3.975, како што соопштија, а другото го премолчија, туку 5.06%.

Затоа, на крајот на доспевањето на обврзницата, граѓаните на Македонија ќе вратат 500 милиони основен долг (за таа обврзница) плус околу 172 милиони евра ефективна камата, што заедно изнесува околу 672 милиони евра.

Деновиве „самосвесните“ лудаци објавија дека одлучиле да издадат нова евро-обврзница со ист износ како минатогодишната – 500 милиони евра. А, како што знаете, во „кастрираниот“ парламент, со членови чија совест однапред била купена со „меници за благодарност“ за тоа што ќе се појават во директен пренос на МРТВ (плус некоја материјална синекура), деновиве беше во тек и усвојувањето на неколку нови закони за друг вид задолжување во износ (без камата и други трошоци) од околу 200 милиони евра. Бидејќи одлучиле новата евро-обврзница да биде десетгодишна, тоа значи дека на име ефективна камата граѓаните на Македонија (под претпоставка каматата и премијата за ризик да бидат исти како и за минатогодишната) ќе платат над 250 милиони евра. Заедно со основицата, за таа нова обврзницаМакедонија ќе мора да врати повеќе од 750 милиони евра нов долг. Според тоа, само за двете обврзници со вкупен номинален износ од една милијарда евра – минатогодишната и претстојната – Македонија ќе мора да врати назад најмалку околу 1.5 милијарди евра.