СДСМ: Дефинитивно е закочен процесот за избор на експерти во ДИК

0
810

Дефинитивно е закочен процесот за избор на експерти во Државната изборна комисија, брифираат од СДСМ  и додаваат дека е неприфатливо барањето на ВМРО – ДПМНЕ, експертите да не се избрани според европски критериуми и стандарди.

Од СДСМ велат дека од сите 40 аспиранти за 3-те места за експерти во ДИК има сериозни кандидати од кои некои имаат и меѓународно искуство во следење изборни процеси, но дека за ВМРО ДПМНЕ биле неприфатливи најквалитетните предлози.

Според потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, се карикира целиот договор и тотално се партизира експертската група, со наметнувањето од ВМРО – ДПМНЕ, за избор на членови во ДИК како експерт да се предлага некој кој всушност бил набљудувач во избирачки одбор.

Од друга страна, пак, оваа партија не прифаќа предлог на СДСМ, за човек кој бил набљудувач на избори во странство. Партискиот клуч на избор на тројца експерти од СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, за ВМРО- ДПМНЕ подразбира исклучиво партиски избор, наместо стандарди и критериуми, според европското законодавство.

-Според договорот, тројцата членови на експертската група е пропишано да се изберат со консезус, но со ваквото минирање на процесот на одлучување, СДСМ го става под прашање целиот процес на избори во ДИК, и со тоа се проблематизираат и самите избори на 24 април следната година –  вели Манчевски.

СДСМ тврди дека целта на ВМРО – ДПМНЕ е да нема воопшто промени, ниту во ДИК, а последично и промени во сферата во медиумскиот процес, кој исто така е закочен. И оттука, вели Манчевски, СДСМ е одлучен, или ќе се оди на избори кои ќе бидат беспрекорни или нема воопшто договор, епилог кој најавуваат дека подоцна ќе го соопштат.

Не е исклучена можноста да се повтори огласот за избор на експертски членови на ДИК, но таквиот потег воопшто ништо не би решил, доколку ВМРО – ДПМНЕ го практикува истиот манир на избор – партиски наместо со експертски вредности, рече потпретседателот на СДСМ Манчевски.