СДСМ: Груевски потврди дека во Македонија нема фабрики од Кина

0
1091

gruevski_intervju

Во интервју за „ChinaDaily“, Никола Груевски признава дека од Кина се уште нема „значителна инвестиција, со градење нова фабрика, производство на некој производ и негов извоз“. Со тоа тој го потврди она што го објави СДСМ, дека ниту една кинеска компанија нема инвестирано во Република Македонија во нова фабрика, во производство на некаков производ, коментира СДСМ.

„Дека се виртуелни фабриките на Никола Груевски од Кина призна и самиот Никола Груевски. Во реалноста нема ниту една. Корупцијата во изминатите години избрка многу потенцијални инвеститори од Кина. Затоа после толку посети, Груевски се уште зборува за ‘консултации’ со кинески компании и виртуелно најавува инвестиции коишто никогаш не се реализираат. Според официјалните податоци на Народна банка, во периодот 2011-2014 година Македонија има минусно салдо во размената со Кина од 3,8 милиони евра, што е уште една потврда дека нема прилив на капитал во Македонија од оваа економски моќна земја во Македонија“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Оттаму истакнуваат дека кредитите не се инвестиции и дека за нив сите граѓани во Македонија плаќаат камата.

„Виртуелните инвестиции на Никола Груевски и виртуелните фабрики носат нула работни места. Не само што нема инвестиции од Кина, ја нема инвестицијата ниту на италијанската Орланди, на турски Шишеџам, Хајер и Тривју, ја нема инвестицијата на индиската Мадерсон, на француската Монтипе, израелската Газит Глоуб, Еуро Италија, ги нема инвестициите на Искра Словенија, Биротекник Отомотив, Грудхост…“, се додава во соопштението на СДСМ.

Оттаму порачуваат дека по изборите на 24-ти април и победата на СДСМ, Македонија ќе и каже збогум на корупцијата и ќе се отвори патот за вистински инвестиции и вистински нови работни места.