Андов бега од дебата со Фрчкоски за настаните од почетокот на деведесеттите

0
1542

Запрашан од Утрински весник Стојан Андов не сака да ги коментира ставовите на професорот Љубомир Фрчкоски во колумната „Алан Андов Форд“, но не крие дека е задоволен што неговите мемоари предизвикале интерес.

„Очекувам да се јават и други полемичари, но многу посериозни и оние што ја прочитале книгата“, вели Андов за Утрински и додава дека книгата најмалку била напишана за да ја велича неговата улога, туку дека неговите мотиви биле да остави сведоштво за идните генерации.

Инаку, Фрчкоски во колумната ја отвора дилемата за тоа дали Андов во неодамна објавената книга „Драматичната 1991 година“ ги извитоперува историските факти и настани од почетокот на деведесеттите и дали ја зголемува својата улога во поновата македонска историја до граница на невкус, а на штета на другите политички актери од тоа време.

„Човекот ми е симпатичен. На иста страна сме во овие денешни премрежија на уривање на диктатурата во Македонија. Имам разбирање за веројатно класичната болест на пишувањето мемоарски четива, кога ликот својата улога ја зголемува до бескрај, до невкус, до извитоперување настани и факти. Литерарен лик на таква метафора е „Број 1“ водачот на групата ТНТ од Алан Форд.

Но, две околности ме нервираат искрено, во сета таа старечка приказна за славата – војната и мирот. Крајната неетичност на маргинализирање на Глигоров и негово претворање во некаков лукав лик, скоро „измамник“ на независноста. Глигоров нема кој да го брани денес, но чувството на тој политички инцест кој го прави Андов кон него е, благо речено, одваратен. Во својата заслепеност со менување на историјата на независноста од „левата позиција“, опозициска и граѓанска, Андов се обидува да ги бетонира симпатиите врз себе на сета левица и опозиција денес во моментот на нејзината борба со диктатурата и поттура личен проект за таа верификација. Тој проект е фалшив. Тој влегува во суетна стапица, де-факто ја понижува сопствената држава со создавање на слика за неа како некава играчка која ја создал тој самиот борејќи се со завери и заверенички ликови на сите страни: со Глигоров (кој замислите работел по налози на Милошевиќ, а Андов тоа го раскринкал ), владата на Кљусев која ја исмева во својата слабост и национализам; младите експерти (тоа сум јас и експертската група која го правеше Уставот кои биле малтене инструменти на Глигоров (?); со Љупчо и ДПМНЕ кои благонаклоно ги водел како деца на прав пат и советувал да не направат глупости (инаку имале исправни национални ориентации кои тој ги увидел и искористил за доброто на Македонија. Секако останува најнејасна неговата поддршка на идејата за поделба на земјата развиена од Георгиевски и некои академици долж 2001-та и судирот внатре во Либералите што таа подршка на Андов за оваа деструктивна идеја на Љупчо Георгиевски ја предизвика); со Парламентот кој бил негова соба за „оргии“ и ги водел за доброто на Македонија, суверено и лукаво, скоро византиски вешто итн и на тоа слично.
Андов не гледа во овој свој гротескен текст дека ја прави Македонија партал“, пишува Фрчкоски во колумната.

Целата колумна прочитајте ја на следниот ОВДЕ.