АМЕРИТ: Превозниците да не прифаќаат превози од Турција за Русија

0
1373

Камиони на македонски превозници кои транспортираат расиплива стока од Турција за Русија четврти ден стојат на граница и нема изгледи да ги пуштат, информираат од Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај – АМЕРИТ, кои ја одбиле информацијата од фирми нивни кои возат на таа релација.

– За камионите што возат стоки со потекло од Македонија немаат проблем. Советуваме да не се прифаќаат превози од Турција за Русија и да се внимава при останатите превози, односно на потеклото на стоката која се превезува, информираат за МИА од АМЕРИТ.

Во известување до своите членки АМЕРИТ наведува дека по нарушените руско-турски односи во последните денови добиле информација оти Руската Федерација започнала со практика на неприфаќање на превозите под покритие на кој било транзитен режим на стоки, кои потекнуваат од Турција.

– Според неофицијалните информации, што ги добивме од терен, сите возила, без оглед на нивната националност, кои што имаат започнато превози на стока од Турција за Русија и возилата, што се натоварени со стока со турско потекло, не им е дозволен истовар на руската територија. Со цел да се избегнат несакани проблеми, поради новонастанатата ситуација ве известуваме се додека не добиеме нови информации за состојбата на терен, да не прифаќате превози од Турција за Русија и да внимавате при останатите превози, на потеклото на стоката која се превезува, се вели во известувањето од АМЕРИТ до превозниците.