ЈОЦИ : Заев ти си храбар витез кој се бори машки и кој ја направи земјата вистинска кралица!

0
2885

Не сум чула некој што бил дел од ,,Шарена” да е идеолошки близок до грујовистичкото ВМРО-ДПМНЕ.

Не делиме исти идеи за Македонија и тоа е јасно како бел ден. Јас сакам Македонија да оди напред, веќе се качи на тој воз и веќе ја гледам во вселената, а вмровците ја гледаат како истуткана јамболија врз која двајца пензионери го гледаат Никола Груевски на ТВ како држи монолог четири часа кај ,,Бјурекот”.

Како да се разбереме околу ова!? Како?

ВМРО-ДПМНЕ имаше шанса за реформи, за новоговор, за напуштање на насилна реторика, модернизација, фаќање на прозападен приклучок, отворена поддршка на евроатлантски интеграции, но тоа не го стори. Сега веќе е предоцна со неодамнешната реторика на лидерот Христијан Мицкоски кој се залага за ,,чекор назад” и поништување на меѓународни договори, Преспански договор и повторна изолација на Македонија. А, не зборуваше така лани.

Кога требаше да браните ,,име”, илјадници седеа исплашени по канцеларии. И по кафеани се пијанчеа. Си го гледаа раатот, платичката од ,,Северна”, некое женско меко газенце да потфатат во министерство.

Зоќе, другарче…не си безгрешен. Никој не е.

Сум те гласала да воведеш ред, право, да не бидете како грујовите војници. И те правев партали уште недојден на власт, уште од декември 2016 кога прибра се` што треба и не треба во свои редови. Многу компромиси направи, некои непотребни.

И пак ќе те правам партали кога ќе формираш втора Влада. Бидејќи, јас сум критичар, не ме личи да фалам власт. Немам инспирација некого да фалам кога е на власт.

Туку, послушај ме. Да ги принудиш на оставки скопските градоначалници на Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода. И да се именуваат в.д градоначалници од Советите на општините. Тоа гласачкото тело ќе го цени.

Но, сега, во овој вакуум период на преодна Влада, кога немаш моќ и власт, ќе ти признаам – ти и` даде ветер во едра на оваа наша напатена Македонија. Ја востоличи во кралица со која сите сакаат да се сликаат.

И имаш поголема храброст од сите оние ,,силни” мажи кои само по кафеани ја сакаат Македонија и се со сликички од ,,кутлеши”. Ти си витез, вадиш меч и се бориш очи в очи.

Го заврши она кое никој немаше храброст ни да го изусти, камоли да го заврши тој ,,спор” кој не` пеплоса наназад 25 години. Влезен си во Историјата. По одредена временска дистанца тоа ќе го сфати македонскиот народ. Имаше еден цитат од една серија – ,,…се појави од темнината како песна”. И јас, како и ти, во овој миг ќе бидам несфатена, но ќе ризикувам. Таков човек сум, сакам да си кажам што мислам. Не може веднаш да бидат сфатени луѓето кои се визионери.

Го чекав овој момент, денот кога ќе бидеш цивил, да ти го кажам сево ова.

Пишува : Јорданка Ивановска – Јоци

Извор : Јоци.Мк