ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ НА САМИТ НА НАТО ВО ЛОНДОН, А ПОТОА ЌЕ ОДИ НА ПРИЕМ КАЈ КРАЛИЦАТА

0
1072

Во Лондон денеска почнува дводневен самит на НАТО со цел да се покаже единството и силата на Алијансата, која ја слави својата 70-годишнина од основањето.

Делегацијата на Македонија на Самитот на НАТО во Лондон ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки на Алијансата. Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит. Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Заев и членовите на делегацијата на Владата на Македонија за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.

Претседателот на Владата е поканет и на прием кај кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Македонија ја дели само една ратификација од полноправното членство. За десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка. Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во Шпанија, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.

Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.

Во земјава сите се согласни во едно – членството во НАТО е стратешка цел број еден и тоа никој не го оспорува, но не постои согласно околу тоа дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот.

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Лондон синоќа, а лидерите на НАТО ќе бидат денеска гости на кралицата Елизабета Втора во Бакингамската палата.

Додека се подготвуваат за средба со Трамп, некои европски лидери продолжуваат да ја доведуваат во прашање посветеноста на Вашингтон кон НАТО. Конфликтите продолжуваат во североисточна Сирија по турската офанзива и одлуката на Трамп да ги повлече американските сили, без да ги консултира сојузниците на НАТО. Повлекувањето на САД ја разгоре загриженоста за посветеноста на САД кон НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека Алијансата е во состојба на „мозочна смрт“, апелирајќи од Европа да создаде своја безбедносна структура. Изјавата доби силен одговор од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека европското единство не може да го замени трансатлантското единство.

Според Си-Ен-Ен, далеку од тоа дека е кревка алијанса, НАТО сега е многу помалку еластичен од порано. Затоа, кога лидерите ќе се соберат во Лондон, тие ќе треба да вложат повеќе напори за да премостат некои од нивните разлики.

По завршувањето на Студената војна, земјите-членки ги намалија буџетите за одбрана, но по анексијата на Русија на Крим, сојузниците се согласија да ги прекинат кратењата на буџетот и да ги зголемат трошоците за одбрана. Целта е до 2024 година да достигнат два отсто од БДП во секоја земја-членка.

Девет држави се предвидува да ја исполнат целта оваа година – САД, Грција, Велика Британија, Бугарија, Естонија, Литванија, Латвија, Полска и Романија.

Според новите податоци објавени во петокот, европските сојузници и Канада, исто така, ќе распределат дополнителни 130 милијарди американски долари на нивните буџети за одбрана до крајот на 2020 година, при што 20 отсто од тоа зголемување ќе биде од Германија, критикувана од Трамп дека не троши доволно на одбраната. До 2024 година се очекува да бидат додадени дополнителни 400 милијарди американски долари.

Покрај националните буџети, НАТО има мал буџет од 2 милијарди американски долари за поддршка на работата на седиштето во Брисел и за финансирање на воените операции ширум светот.

Минатиот четврток, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг рече дека САД ќе плаќаат помалку за овој буџет и Германија ќе помогне да се пополни празнината, со тоа што двете држави плаќаат по околу 16 отсто. Досега САД плаќаа 22 отсто од таа сума. Други европски сојузници исто така се согласија да плаќаат повеќе без Франција која одби.