Ајде, красто, падни веќе еднаш!

0
520

Претпоставувам дека нема многумина кои, без некој да ги потсети, го памтат писмото на Никола Груевски, испратено во 2009 година, до сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ? Она, во кое повика да се влезе во „конечна пресметка“ со идеолошкиот опонент СДСМ и неговите поддржувачи?

Во годините што следуваа, таа порака на Груевски кај неговите послушници ги доби сите обележја на жесток говор (и акции) на омраза, во кој политичките неистомисленици им станаа омразени непријатели, „предавници“, „одродени“, „шиптари“, „странски шпиони“, „платеници“, „соросоиди“, „комуњари“ и што уште не.

И денеска некои преостанати „џепови“ од хистеријата на пропагандната машинерија на Фамилијата, по инерција (според физичкиот закон за „тежина во џеповите по забрзување во кариерите“), кога сосема се распадна корумпираната партиска корпорација со која Груевски ја замени државата Македонија, не се сосема запрени во практикувањето на истиот речник на закани, клевети, навреди и други содржини за вознемирување и малтретирање на своите политички противници.

Додуша, сега добар дел од таа омраза – преку перата на главните кучиња на со години негуваната и преплатена пропагандистичка кохорта – е насочена против самиот Груевски кого го обвинуваат што не пристапил кон ликвидации, масовни апсења и употреба на напалм и отровен гас сарин против неистомислениците, кога за тоа имал можност.

Ете, до толку се полудени и запенавени тие обични национал-шовинистички гнаси, некогашните пропагандистички „орки“ на ВМРО-ДПМНЕ кои, преку ноќ, станаа „независни интелектуалци“ и „искрени патриоти“, демек, „независно кој е на власт“. Не знам дали Груевски разбира дека тоа се дел од „фалангите на злото“ што тој, во своето писмо од 2009 година, ги повика да се кренат и да се организираат против своите сограѓани?

Кога ги слушам како преплашено, грстот брбливи соработници преостанати околу Грујо (политичкиот великан и стратег Илија Димовски, на пример), сега зборуваат за „реваншизам“ и „одмазда“, наводно насочени против нив од страна на новата власт, верувам дека, всушност, потсвесно мислат на таа реална закана, на таа „долга рака“ на партијата чијашто мета, неизбежно, се (или наскоро ќе бидат) станати самите тие. Ви гарантирам дека не се на чисто дали (и кога) некој од „нивните“, во стотината-двесте протестанти пред Министерството за правда или пред затворот во Шутка, нема со некаков тап предмет да ги тресне по глава, освестени дека токму катастрофалната политика на двоецот Груевски/Мијалков е таа што ги смести нивните роднини, пријатели и партиски истомисленици на клупите во Кривичниот суд и низ ќелиите на истражниот затвор. Со многу лоша правосудна прогноза, за понатаму.

Полн е кругот („тркалото што се врти“) што го помина Грујо од врвот на својата слава и моќ, до самото дно на честа и угледот. Маестрално ги промаши сите поважни проценки и приликите за достоинствено повлекување, можеби и за спас на тоа што можеше да го спаси! Освен госпожа баба Нада, не верувам дека некој друг, возрасен, е подготвен сега и рака да стави во млака вода за него или – ова секако не се очекува од баба Нада – гол да влезе во женска бања.

Некогаш, најавата за негова оставка ќе предизвикаше вистинска општествено-политичка драма. Денеска, додека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кришум се собира да расправа за таа безвезна понуда, веста во јавноста се прима со општо олеснување, како кога, конечно, ќе почне да паѓа последната краста од тешка рана што со години не заздравува.

Е, сега, најново, додека мнозинството со душа го чека и неговото приведување, Он смислил проект со закон за амнестија, за да престанел „реваншизмот“ против патриотиве! Каква ингениозна идеја! Тоа само значи дека сондата што ја прави „длабоката анализа“ на Груевски сѐ уште не е продрена доволно длабоко во анализата…

Сашо Ордановски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

СПОДЕЛИ

НАПИШИ КОМЕНТАР